Спомен-куќата на Лазар Личеноски во Скопје вчера ја посетија Елизабета Ѓорѓиевска, сопругата на македонскиот претседател, евроамбасадорот Дејвид Гир и културните аташеа на земјите членки на Европската Унија. Заедно со Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија под чии ингеренции е спомен-куќата тие ја разгледаа студентската изложба посветена на доајенот на македонската ликовна уметност. Старова-Ќерими преку презентација им објасни на присутните до каде е санацијата на објектот кој треба да прерасне во музеј каде ќе биде изложено творештвото на Личеноски.

– Имав чест да присуствувам на настан по повод третиот роденден на Europe House Скопје, во чии рамки ја разгледавме изложбата и разменивме идеи за вмрежување за да ги разгледаме можностите за конзервација и реставрација на куќата-музеј на Личеновски чие дело ја збогатува македонската културна ризница – рече Ѓорѓиевска.

Дита Старова-Ќерими, Елизабета Ѓорѓиевска, Дејвид Гир и Пол Бускот (од лево кон десно)
Со помош на Europe House Скопје, Националната галерија го расчисти објектот во кој се поставени делата на студентите од Факултетот за ликовни уметности: Стефан Јакимовски, Дамјан Јанкоски, Марија Јаќовска, Сара Митковска, Славчо Павлоски, Михаил Паскоски, Милена Петковска и Евгенија Трајковска.





Фото: Europe House Скопје





