Стихозбирката „Второ детство“ од Емануела Ковачевска Китановска ќе биде промовирана на 29 мај (четврток) во 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. Промотор ќе биде Коста Милков, а модератор – Јулијана Величковска.
Емануела Ковачевска Китановска е нов и автентичен поетски глас, едно „јас“ што му пркоси колку на своето време толку и на времето на нејзините поетски претходници. Страста да се доживее некое „второ детство“ како да ја позајмува од Радован Павловски, особено кога толку многу инсистира на приспивната песна како на посебен модел на песна.
Книгата нуди и неколку дилеми како филозофеми: Дали за неа е инспирација самата состојба на „второ детство“ или оној/она што го поттикнува, што го предизвикува? Зашто, во неа има и една растргнатост заради недоумицата дали воопшто постои некое „второ детство“ која се распламтува до крајот на стихозбирката ‒ Весна Мојсова-Чепишевска.
‒ Читајќи го ракописот „Второ детство“ од Емануела Ковачевска Китановска, од песна во песна неосетно се провлекува интиутивното сознание дека едно од многуте толкувања на концептот „второ детство“ е всушност самата поезија, која ја буди во читателите детската свежина при доживувањето на себеси и светот, а тоа, секако, не е еднинственото можно читање на оваа возбудлива книга, која посакуваме што поскоро да стигне до своите читатели ‒ Владимир Мартиновски.
‒ „Второ детство“ претставува збирка пејзажни бденија над новото раѓање на светот во кој едновремено сѐ е исто и сѐ е ново и познато во втората средба со детето што овој пат ја носи облеката на возрасноста. Новото дело на Емануела се носи азурни експлозии и татнежни тишини што љубовно го пренесуваат сведоштвото на второто раѓање на детето и неговите внимателни чекори и набљудувања со кои минува низ времето, без да ја разбуди коравоста на возрасните што заборавиле кое е името на нивните внатрешни деца ‒ Софија Тодоровска.
Емануела Ковачевска Китановска е поетеса и студентка на Факултетот за психологија при МИТ Универзитет во Скопје. Авторка е на стихозбирките „Кожена душа“, за која ја освои наградата „Антев часовник“ во 2019 година на манифестацијата „Антево перо“ и „Второ детство“ (2025, ПНВ Публикации), со која влезе во најтесен избор за истата награда за 2023 г. Добитничка е и на наградата „Најмлада поетска искра“ на Меѓународниот фестивал „Литературни Искри“ во 2019 година во Гостивар. Нејзините песни се застапени во неколку антологии. Учествувала на бројни работилници, поетски читања и фестивали, меѓу кои: „Астални Проекции“, Поетска ноќ во Велестово, Скопскиот поетски фестивал, „Коронијалс“, МТФ „Војдан Чернодрински“ и др. Пишува и проза, а дел од расказите ѝ се застапени во збирката „Мали приказни за Скопје“ (2019, Просветно дело). Се занимава со театар и со драматургија, има напишано и изведено две монодрами „Драг Вардар“ во МКЦ и „Sвездан“ во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.





