Во кафе-книжарницата „Буква“ вечерва во 20 часот ќе биде промовирана стихозбирката „Скршен терериум“ од Филипа Сара Попова. За оваа книга авторката ја доби наградата „Млада Струга“ во 2024 година за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата, во соработка со Јуроп хаус, а со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во земјава.
‒ Филипа Сара Попова потпивнува од својот немир додека ги брои вдишувањата на самракот, ни се насмевнува од зад слоговите, ја буди заспаната совест со избрани зборови, поставува прашања во стиховите и меѓу редовите, ни ја глочка свеста како зрнца песок заглавени на дното на самотијата. Во неа има „жед за песна“, во нејзиното поетско битие клокотат зборови, се раѓаат здивови и извици што сакаат да го поплават и потоа одново да го изградат овој наш стар и уморен свет. (…) Оваа поетска книга е полна со почва и билки, со јаглен и јад, со сомнежи и преиспитувања, но и со пркос и храброст. Таа е сведоштво за нештата што се случуваат во нас и околу нас, за реалноста што како натрапник навлегува во нашиот мал, затворен и затоа колку-толку безбеден свет. Но исто толку е и повик за себеподобрување, за облагородување на опкружувањето, на земјата на која живееме, парчето време што го трошиме. Зашто иако секој од нас живее во својот терариум, не сме издвоени единки независни од другите, од времето и од случувањата во него. Свесно или несвесно, и самите вршиме влијание во светот и со своите мисли и постапки предизвикуваме одредени процеси и случувања ‒ Виолета Танчева-Златева
Песни на Филипа Сара Попова (1998, Скопје) се објавени во зборникот „Новите добри времиња“ (Хелсиншки комитет за човекови права Скопје, 2023), „Рукописи 45“, „Рукописи 48“ и „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ (ПНВ Публикации, 2023), како и во неколку медиуми: Умно, Репер, „Медуза“ и „Култура Бета“. Освен поезија, пишува проза и нефикциски текстови. Нејзин расказ е застапен и во збирката раскази „Туѓо тело“ (Темплум, 2024), а нејзини есеи и критики на повеќе електронски медиуми. Учествувала на Струшките вечери на поезијата, на Скопскиот поетски фестивал, на „Клинци“ во организација на „Култура Бета“ и на други книжевни читања.





