Српското издание на романот „Доилката“ на авторката Лилјана Пандева ќе биде промовирано вечерва во 18.30 часот во кафе-бар „Шила“ во Охрид. Настанот го организира Српскиот културно-информативен центар „Спона“. Оваа книжевна вечер е дел од циклусот книжевни средби и работилници „Паралели и синтези: Рецепцијата на современата македонска книжевност“, којшто Српскиот културно-информативен центар „Спона“ го почна во февруари оваа година, а во фокусот се дела од современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Србија во превод на српски јазик. Настаните во рамките на овој циклус книжевни средби и работилници за првпат се одржуваат надвор од Скопје.
Книжевната вечер ќе се одржи со поддршка од почесниот конзулат на Република Србија во Охрид и од почесниот конзул, г. Михајло Филев.
Настанот ќе биде посветен на српското издание на нејзиниот култен роман „Доилката“ за кој ја доби и наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра прозна книга во 2016 година. Книгата беше наградена и во Србија со престижни награди и со исклучително високи оценки на српската книжевна критика, а преводот „Доиља“ беше објавен во 2019 година, во издание на реномираната издавачка куќа „Алма“ од Белград.
За делото ќе зботува и српскиот книжевник, универзитетски професор и новинар, Милутин Ѓуричковиќ, којшто во моментов е еден од посветените афирматори на современата македнска книжевност во Србија, преведувачката Марица Гроздановиќ-Милошевиќ, којашто ќе ги пренесе и своите предизвици при преведувањето на делото и книжевникот и програмски директор на СПОНА – Милутин Станчиќ. Модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски. Во рамките на средбата ќе се оствари разговор со Пандева во којшто со прашања ќе може да се вклучат и присутните.
Како што оцени книжевната критика, „Доилката“ е роман, кој од првата до последната страница ве обзема со раскошна леснотија на читањето, бидејќи, приказната што ни ја раскажува Лилјана Пандева, иако ставена во историски рамки, ни открива непознати детали од исоријата (40 денови од потрагата по кралот Пребонд) е возбудлива, полнокрвна, поетична, со прозрачни лирски пасажи, јазично слоевита и со нагласена драмска тензија, која длабоко нурнува во просторите на писателовата имагинација. Со романот Доилката, кој слободно може да се нарече химна на љубовта и страста, Пандева се проби кон врвот на македонското раскажувачко мајсторство. Преводот на српски јазик на овој исклучителен роман, всушност е прв поголем пробив на Пандева со целосно објавена авторска книга во превод, надвор од Македонија.





