Промоција на „Само уште еден скок“ од Енис Хилми

Книгата поезија „Само уште еден скок“ од Енис Хилми, ќе биде промовирана вечерва во 20 часот во „Лабораториум“ (нова локација, на паркинг зад старата Градска болница, 12. Македонска ударна бригада бр. 2а) во Скопје. Книгата ќе ја промовираат Весна Мојсова Чепишевска и Билјана Стојановска.

-Енис Хилми станува повидлива на македонската културна сцена (не дека таа нема свое место на охридската, а последниве години и на берлинската) токму преку својата прва збирка раскази „Градот што не го засакав на прва“ со која ја освои наградата „Новите“ за 2024 година. И самиот наслов е доволно провокативен зашто се чита како контрапункт на онаа скоро излитена фраза „љубов на прв поглед“. Расказите ги исчитав во еден здив и толку сакав нешто да напишам за нив зашто скоро ми беа многу блиски по сензибилитетот на Јерговиќевиот „Сараевски Малборо“, по тој микс на емоции кои час се радосни, час горки, час возбудливи, час изненадувачки, час смирувачки, час вознемирувачки. А сега сфаќам дека оваа најновата „Само уште еден скок“ била пред таа за Берлин. Дека оваа љубов била пред тоа засакување на Берлин. Но, и дека оваа љубов е рамна на онаа во Константиновата „Т’га за југ“: „таму по срце в кавал да свирам / с’нце да зајдвит, ја да умирам“ – пишува Мојсова Чепишевска

За Билјана Стојановска, „Само уште еден скок“ е нежна, духовита и длабоко човечна приказна раскажана од најнеочекуваниот сведок на љубовта – едно куче. Преку неговите сетила, радости и стравови, книгата во форма на раскази, го следи животот во неговите најискрени форми: првите чекори, изборите, приврзаноста, стареењето, збогувањата… Ова не е книга за кучиња – ова е книга за луѓето видена низ очите на некој што безусловно сака. Топла и мудра, „Само уште еден скок“ нè потсетува дека секој ден може да биде прегратка, секој миг дом, а секое „уште едно“ – вредно да се живее.

– Човековата природа е таква што по принципот на емпатија се идентификува, или во најмала рака, сочувствува со оној што ни се обраќа. Затоа мудро е кога во нарацијата се користи прво лице за раскажување. Посебно кога главниот лик не е човек. Тото е кученце, кое чувствува, го гледа светот, реагира, игра, се радува, тагува и страда, како сите битија. И тоа го прави на начин што е исклучително чист, а чистината секогаш ја топи душата на читателот. „Само уште еден скок“ на авторката Енис Хилми е сага за една искрена љубов меѓу кучето Тото и неговата избраничка Е. Впрочем, како што се посочува и во првиот расказ, животното треба да биде тоа што ќе го одбере човекот, а не обратно. Тогаш врската што ќе се изгради и љубовта, се нераскинливи. Таква е љубовта меѓу Тото и Е. Меѓутоа, Тото не чувствува љубов само кон својата сопатничка Е. Тото ги сака и децата и другите животни, и небото и ѕвездите и среќата. Проблемите со бездомните кучиња, опасниот отров што несовесните граѓани упорно го расфрлаат низ цел град, болеста, смртта, сѐ е дел од оваа книга, која создава грутка во грлото и без да ѝ го дознаете крајот – вели Стојановска.

Сподели