„Еуфорија“ – роман за Силвија Плат, од шведската авторка Елин Кулхед, ќе биде промовиран вечерва во 20 часот во Јуроп хаус во Скопје. Промоцијата ќе ја модерира и ќе разговара со авторката професорката и преведувачка Калина Малеска. Освен што ќе можете да слушнете извадоци од романот, тој ќе биде разгледан од повеќе аспекти: ќе дознаете какво е видувањето на Е. Кулхед за пишувањето фикционална биографија и како е да се позајмува гласот на друга авторка. Преводот на романот е на Катерина Јосифоска, а дизајнот на постерот е на Ема Велковска и Марија Смилевска.
„Еуфорија“ е прониклив и драматичен приказ на последната година од животот на поетесата Силвија Плат пред нејзиното самоубиство во 1963 година. Надминувајќи ги амбициите да биде историски роман со биографска подлога, ова е книга за една разорна љубов, за мајчинството, за неверството, за справувањето со сопствените демони и за еуфоричната мистичност на креативниот чин во кој се раѓа поезијата.
Елин Кулхед е шведска писателка и новинарка. Родена е во Упсала во 1983 година. На книжевната сцена дебитирала со неколку книги за деца, а нејзиниот прв роман за возрасни е „Еуфорија“, објавен во 2021 година и награден со највисокото шведско книжевно признание, наградата „Август“.
Издавачот „Илика“ организира средба со авторката и утревечер во 18 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Разговорот ќе се одвива на англиски јазик.
Фотографија: Олоф Гринд





