Во бифето на Младинскиот културен центар вечерва во 20 часот ќе се одржи промоција на романот „Фобос“ од Соња Станковска. Книгата е издание на „Или-Или“. Настанот ќе го води уредникот Ненад Стевовиќ, а делото ќе го претстави писателката Фросина Пармаковска. За романот „Фобос“ таа вели:
– Романот е уникатен пример на колажиран, нелинеарен и мошне комплексен хибриден текст кој умешно ги поставува едни од најзначајните прашања за човекот и за светот: каде бевме, каде сме и каде одиме. Исклучително креативно и храбро, ова четиво нуди цел спектар од приказни кои се суштински, егзистенцијални и актуелни, а истовремено бескрајно духовити и игриви – вели Парамаковска.
Соња Станковска (1977, Охрид) е архитект и дизајнер, но во основа раскажувач на приказни, без разлика на медиумот што го користи. Гради светови од линии, простори и зборови. „Фобос“ е нејзина прва објавена книга.





