Книгата „Оние работи: Есеи за женската сексуалност“ од хрватската авторка Јасна Јасна Жмак ќе биде промовирана вечерва во 19.30 часот „Нетавил“ (ул. Никола Тесла бр. 9), во Скопје. Станува збор за збирка есеи во кои Жмак се занимава со теми за кои општеството често молчи: женското тело, сексуалноста и интимноста, но и прашања поврзани со родовиот идентитет, сексуалната ориентација, менструацијата, мастурбацијата, невиноста, сексот, телесните норми и гинекологијата. Наместо да ги третира овие теми како скандалозни или провокативни, авторката им пристапува отворен, и истражувачки, комбинирајќи лични искуства со современа сексолошка литература, вградувајќи во текстот препознатлив феминистички светоглед.
Уредничка на изданието е Грација Атанасовска, а преводот од хрватски на македонски јазик е на Мања Величковска и Фросина Крушкаровска. Книгата ќе биде претставена од писателката и професорка Румена Бужаровска, по што ќе следи разговор со авторката, преведувачките и уредничката на македонското издание Оваа книга е второ издание во новата едиција на Тиииит! Инк. – „VaginaDentata“, чија главна уредничка е Јана Коцевска.
Стилот на Жмак е динамичен, интелектуално прецизен и духовит, а есеите отвораат прашања кои честопати се потиснувани во јавниот дискурс. Пишувајќи за телесноста и сексуалноста како дел од пошироки општествени и културни процеси, авторката ја афирмира идејата дека интимното е неизбежно политичко, а тишината околу „оние работи“ е дел од системски механизам на контрола и срам.
Јасна Јасна Жмак е драматург, писателка и сценаристка, која работи како доцентка на Академијата за драмска уметност во Загреб. Таа е авторка на бројни книжевни и научни изданија. Се издвојува во современата регионална уметничка и интелектуална сцена со храбриот пристап кон темите како авторство, род, сексуалност, уметничка одговорност и репрезентација.
Настанот го организира „Тиииит! Инк.“ и е поддржан од Kvinna till Kvinna, Амбасадата на Шведска во земјава и Equality Fund.





