Промоција на монографијата „Античка македонска архитектура и урбанизам“ од Меланија Шерденковска

Во мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи промоција на монографијата „Античка македонска архитектура и урбанизам“ од Меланија Шерденковска. Изданието е на „Матица македонска“ и преку него, за првпат на научно ниво, детално се анализираат карактеристиките на изворната античка македонска архитектура и урбанизам. Промотор на капиталното дело е проф. д-р Небојша Гаџиќ, од Архитектонскиот факултет во Белград, еден од рецензентите на монографијата.

Според Гаџиќ, посебно треба да се истакне дека проблематиката на архитектурата, како и урбанизмот од античкиот период во Македонија, досега многу малку се истражувани.

– Овој труд претставува исклучително вреден придонес во развојот на научната мисла од областа на историјата на архитектурата, особено што се однесува на античкиот македонски период, време кое досега скоро воопшто не е истражувано, посебно не во таков обем и низ една детална анализа. Сметам дека книгата ќе наиде на позитивен одзив и исклучително голем интерес кај пошироката стручна јавност, која се занимава со архитектура, историја на архитектура и историја на уметност – пишува Гаџиќ во рецензијата.

Тој додава дека анализите, согледувањата и заклучоците од оваа монографија ќе станат незаобиколна литература и неопходна материја, којашто студентите по археологија, историја на уметност и архитектура ќе мораат да ја совладаат.

– Со оваа монографија посебно се поставува потребата низ едно уште посеопфатно истражување да се верификува овој период и севкупната архитектура на античките Македонци, на светско ниво, со сосема заслужениот термин – античка македонска архитектура и урбанизам, односно античка македонска култура – вели тој.

Меланија Шерденковска е доктор на науки, а вработена е на Архитектонскиот факултет при УКИМ од 1986 година, најпрво како асистент професор, а од 1997 година е раководителка на Библиотеката на Факултетот. Авторка е неколку повикани и отворени архитектонски конкурси, како и на повеќе проекти за ентериер. Се истакнува како авторка на поголем број трудови објавени во стручни и научни списанија и учесничка на повеќе меѓународни конференции. Во нејзината научна работа посебно место заземаат долгогодишните истражувања и тезите сублимирани во докторската дисертација „Мијачко станбено градителство – потекло, развој и дострели“, коишто во малку изменета форма се објавени во книга со истиот наслов, во издание на „Матица македонска“.

Сподели