Во Археолошкиот музеј во Скопје утре во 12 часот ќе се одржи промоција на монографијата „Архитектонските елементи од Епископската базилика во Големо Градиште кај Коњух, Кратовско“ од м-р Радомир Ивановиќ. Книгата ќе ја промовираат проф. д-р Керолин Снајвли од САД и проф. д-р Бојан Ѓуриќ од Словенија. Претходно од 10 часот, Ѓуриќ ќе одржи предавање со наслов „Студии за каменот во античката археологија“.
Ова е четврта четвртата книга од серијата монографии и произлегува од истоимената магистерска теза на Ивановиќ, одбранета во 2021 година на Универзитетот во Љубљана, Словенија, под менторство на Ѓуриќ.
– Тезата претставува истражување на градежните работи на Епископската базилика, со фокус на архитектонските елементи од овој објект и потеклото на материјалот што се користел во изградбата. Градот кај Големо Градиште, близу до денешното село Коњух, е еден од попознатите доцноантички центри на територијата на денешна Македонија. Неговата стратегиска, природно одбранлива локација, која го вклучува високиот акропол и северната тераса опкружена со Крива Река од три страни, го направил градот многу привлечен во проблематичните времиња на доцната антика – велат од Музејот.
Во 1919 годината во близина на селото Коњух селаните откриле остатоци од црква со трапезоидна основа, која подоцна науката ќе ја идентификува како архитектонски куриозитет на Балканот – црква ротонда, од 6 век. 36 години овој археолошки локалитет е предмет на интерес на археолошката наука, а 25 години систематски се истражува во соработка со Гетисбург Колеџот од Пенсилванија, под раководство на проф. д-р Керолин Снајвли и м-р Горан Санев.
Околу 17 хектари е површината на којашто се простира овој богат економски, административен и религиозен центар во овој дел на Балканот и римската провинција Дарданија, втор по големина по Скупи (Скопје). Постојат две теории за идентитетот на овој град кои го идентификуваат како Транупара, односно Запара.





