Промоција на монографија и хуманитарна изложба на Јордан Манасијески во родниот Охрид

Во големата сала на Општина Охрид вечерва во 19.30 часот ќе се одржи промоција на монографија со која ликовниот уметник Јордан Манасијески ќе одбележи 55 години творештво. Книгата ќе ја промовира историчарот на уметност Владо Ѓорески-Рафик. Во рамките н промоцијата ќе се одржи и продажна хуманитарна изложба. Парите од продадените графики ќе бидат донирани на настраданите лица во дискотеката во Кочани. Во придружната музичка програма ќе настапат гитаристот Дамјан Пејчиноски и женскиот хор „Акордис“.

Монографијата е обемно и богато дело од 480 страници со тврд повез, со повеќе од 300 репродукции во боја и текст на македонски и англиски јазик. Таа е од енциклопедиско значење и содржи критички осврти од повеќе историчари на уметност и тоа: Салваторе Русо – Италија, Рути Такер – САД, Санда Станачев Бајзек – Хрватска, Драган Јовановиќ Данилов – Србија, Бисера Валева – Бугарија и од македонските критичари и вљубеници во уметноста Никола

Николовски, Зекман Ракиповски, писателите Киро Донев, Трајан Мартиновски и новинарот-публицист, Милчо Јованоски.

Изданието ја содржи целокупната досегашна уметничка кариера на Манасијески, во која се документирани настаните од домашната и меѓународната уметничка сцена: промоции, изложби, учества на интернационални уметнички салони за модерна уметност и добиени награди. Дополнителен акцент е даден и на изработката на стриповите, кои опфаќаат еден голем дел од неговата уметничка кариера, а претставени се и мал дел од неговите идејни дизајнерски решенија.

Сподели