Во поткровјето на „Јавна соба“ денеска во 18 часот ќе се одржи промоција на книгата „Тело без душа – разговор во бесконечноста“ од Елена Цветковска. Промоцијата ќе биде збогатена со настап на џез музичари, проекција на 15-минутен филм во контекст на содржината на книгата, разговор со гости од странство и презентација на самата авторка на ова несекојдневно интимно четиво.
Книгата „Тело без душа“ е инспирирана од лична болка, преточена во мудрост која отвора врати кон нови перспективи за животот, болеста и смртта.
– Мојата книга е инспирирана од најдлабоката лична загуба – смртта на мојата мајка. Таа истражува теми како договорот на души, изборот на родители и животни околности уште пред нашето раѓање, болеста како духовна лекција и смртта како враќање кон изворот на свеста. Книгата отвора поглед кон животните предизвици не како случајност или казна, туку како дел од повисок план кој ни овозможува раст, освестување и духовна зрелост – вели Цветковска.
Елена Цветковска е архитект, родена и образована во Македонија, дипломирала архитектура во Скопје. Професионалната кариера ја почнува во Штип, во една од најдобрите архитектонски компании во регионот. Голем дел од објектите во Технолошко-индустриската развојна зона во Скопје носат нејзин потпис. Работела на проекти од најразличен карактер, од урбанистичко планирање, преку изведбена документација, до комплетно водење на изведбата. Пред шест години се преселила во Австрија. Нејзиниот професионален пат ја одвел во самиот врв, работејќи директно за клиенти со највисоки стандарди и углед. Денес работи самостојно и продолжува да соработувам со исто толку престижни имиња.





