Во кафе-галеријата „Лувр“ во Прилеп утревечер во 19 часот ќе се одржи промоција на збирката раскази „Како ја убив Вера и како таа повторно се роди“ на авторката Оливера Андоноска. Извадоци ќе читаат поканети гости и пријатели, како и рецензентот Звонко Димоски.
Во рецензијата „Како да не се убие краткиот расказ: максимална историја во минимална должина“ од Звонко Димоски тој пишува дека збирката, несомнено претставува интригантно литературно патување во светот на жанровите, задира во фантазијата, мистериозноста, а сепак, соодветствува со реалноста.
„Авторката го истражува ова просторно поле на начин што ги предизвикува очекувањата на читателите, претставувајќи им фантастични приказни, конструирани со прецизни детали и длабоки размислувања. Насловот, сам по себе, веќе предизвикува љубопитство, а содржината на расказите, не само што ги исполнува, туку и ги надминува очекувањата на читателот. Андоноска ја покажува својата умешност во пишувањето со прецизноста на јазикот и суптилноста во мисловните и дејствените промени, кои, меѓу другото, го привлекуваат и задржуваат вниманието на читателите во секоја расказна нишка. Нејзината способност да ја ткае вистинската магија преку зборовите, да ги оживее ликовите и да ги внесе читателите во неочекувани светови е вистинскиот печат на нејзиното растење како авторка. Споменатата вештина не е заснована само во изборот на тематските инспирации и комплексните ликови во расказите, туку и во нејзината способност да меша жанрови и да ги најави на нови начини, што секако дека додава дополнителна димензија на нејзиното пишување“, пишува Димоски.
Андоноска е авторка на три сценарија за краткометражни филмови, како и на детските илустрирани приказни „Сонцето и Кралицата на темнината“ и „Ана и нејзиниот велосипед го спасуваат градот“. Збирката раскази „Како ја убив Вера и како таа повторно се роди“, издадена е со поддршка на Министерството за култура. Промотивните кратки видеа се реализирани од Тони Коцев, а чита актерот Никола Ацески. Даниела Дунимаглоска Настоска го направи дизајнот на корицата.





