Промоција на „Часови без часовник“ од Владимир Мартиновски и „Џез, буки, веди“ – концерт на квартетот на Јани Костурски

Во рамките на Фестивалот „Видик“, вечерва во 20 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ ќе биде промовирана новата книга на Владимир Мартиновски, „Часови без часовник“. За делото ќе зборуваат: Оливера Ќорвезироска, Анастасија Ѓурчинова и Биљана Стојановска.

„Часови без часовник“ не е обична книга, тоа е изблик од бои, облици, зборови и значења. Ова ретко библиофилско издание, во кое текстот е пронижан со интензивно обоени дигитални графики, станува повод за уникатно читателско уживање, со сите сетила. Во книжевна смисла тоа е поетско дело, составено од четиринаесет сонети од по четиринаесет стиха, вплетени во сонетен венец, стокмени според познатиот прешерновско-петраркистички модел. Книгата е во издание на „Арс Ламина“.

Во рамките на промоцијата, ќе може да се погледне и изложба на слики од Владимир Мартиновски, кои се најдоа во сонетниот венец.

Еден час подоцна, ќе биде промовиран проектот „Џез, буки, веди“ на квартетот на Јани Костурски. Покрај него, ќе учествуваат Филип Димишковски, Зоран Павловски, Павел Ренџов и Трајче Велков, како специјален гостин.

Во проектот насловен „Џез, буки, веди“ низ звуците на џез-стандардите ќе се проткајат текстови на македонски јазик. Ова ќе бидат нови лирички видувања на овие џез-теми, првпат изведени со македонски текстови.

Со овие настани ќе биде затворен Фестивалот за литература и општа култура, што го организира Литература.мк, а беше отворен на 2 април. Беа реализирани 15 настани.

Сподели