Романот „Бела Сама“ од Виолета Танчева Златева ќе биде промовиран денеска во 17 часот во хотелот „Аполонија“ во Гевгелија. Промотор ќе биде Александра Јуруковска, а извадоци од романот ќе чита Снежана Стојчевска. Настанот ќе биде музички збогатен со настап на Филип Хаџикојчев и Илија Караџов.
Настанот го организира Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Гевгелија и е дел од програмата на манифестацијата „Гевгелија – град на културата“.
Овој роман е суштинско навлегување во темите на мајчинството, женскиот принцип и трагичните околности во животот. Книгата е вистинско обележје на македонскиот современ роман и навраќање кон човечките вредности, а едновремено е и чекор напред кон излегување од патријархалноста и стереотипите.
Виолета Танчева-Златева е поетеса, раскажувач, есеист, преведувач, лектор. Родена е на 25 април 1968 година, во с. Бориево, Струмица. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Југословенска книжевност. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 2000 година и на Здружението на лекторите на Република Македонија. Била член на редакциите на списанието за книжевност и култура „АКТ“ и на списанието на ДПМ „Стожер“. Работи како лектор во Издавачки центар ТРИ – Скопје.
Нејзиниот книжевен опус се состои од: проза- „Книга за сонот (куса проза, 1991)“, „Враќања“ (роман, 1993), „Враќајќи се во Бориево“ (раскази, 1999); поезија- „Мојот Пикасо“ (2007), „Заробеници на молкот“ (2010), „Огнена“ (2011), „Нашата приказна“ (2013),„ Година без лето“ (2015); роман за деца „Шарени писма“ (2008). Освоила четири награди на анонимниот конкурс за краток расказ на „Андриќеви денови на културата“ во Травник во 80-тите години, прва награда за проза на анонимниот конкурс на Независни изданија „Ѓурѓа“ во 1991 г., наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за 2015 година за најдобра книга објавена меѓу два фестивала, за стихозбирката „Година без лето“.





