Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност – Скопје вечерва во 18 часот на сцената на ФДУ, ќе го промовираат новиот, 11. број на меѓународното научно списание за изведувачки уметности „Ars Academica“, кое веќе десет години претставува значајна академска платформа за современи истражувања и теоретски промислувања од областа на театрологијата, музикологијата, драматологијата, филмологијата, танцувачките и визуелни уметности, односно од областа на изведувачките уметности, воопшто. Списанието го должи своето основање и концепт токму на заедничката, визионерска иницијатива на проф. д-р Ана Стојаноска и проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска, кои ја поставија рамката за неговиот интердисциплинарен и современ карактер.
„Ars Academica“ содржи научни трудови кои обработуваат актуелни, современи теми и проблематики од изведувачките уметности, со особен фокус на интердисциплинарноста, новите методолошки пристапи и развојот на критичка мисла во уметничките и теориските практики. Трудовите се рецензирани од домашни и меѓународни експерти од областа.
Во овој број се застапени автори чијашто работа носи нови научни увидувања и анализи: Евица Тасеска-Каранфилова, Илија Циривири, Милчо Узунов, Биљана Тануровска-Ќулавковски, Сашо Кокаланов, Деспина Ангеловска, Сашо Димоски и Елизабет Колевска.
Тие разработуваат актуелни теми од продукциските практики, интеркултурните и миграциските процеси, современите театарски и филмски модели, како и новите танцови и едукативни методологии. Овие трудови, засновани врз конкретни примери, студии на случај и аналитички пристапи, го прикажуваат виталниот развој на изведувачките уметности и нивната трансформација во современиот културен контекст.
Настанот ќе ја одбележи успешната децениска соработка меѓу двата факултета и ќе ја потенцира важноста на списанието за академската и уметничка заедница како релевантен научен ресурс и единствен простор за интердисциплинарна размена на идеи и современи истражувања.
Списанието е достапно и во електронска форма, на следниот ЛИНК.





