Ограничените онлајн-маркетинг и комуникација и непостоечкиот интернет-маркетинг и комуникација на услугите во руралниот туризам беше предизвик за Центарот за одржлив развој – АЛКА да отпочне проект кој ќе ги зајакне капацитетите на ова поле на давателите на туристички услуги во руралните средини во земјава. Проектот „Онлајн маркетинг и комуникации за одржлив развој на руралниот туризам во Северна Македонија“ е една од 14-те најуспешни приказни во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), четиригодишна инвестициска операција финансирана со донација од Европската унија (ИПА 2).

Проектот работеше токму на зајакнување на капацитетите во однос на современиот (дигитален) маркетинг со фокус на давателите на туристички услуги во руралните средини низ целата земја, промоцијата и онлајн-видливоста на детектирани рурални туристички услуги од десет дестинации во Република Северна Македонија. Комплексниот проект имаше вкупен буџет од 93.365 евра, од кои Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија обезбедија 84.002 евра, а Центарот за одржлив развој – АЛКА учествуваше со 9.363 евра.
Даниела Андреска, теренски координатор на АЛКА вели дека иако првичните планови им биле да идентификуваат и промовираат на интернет најмалку 250-300 објекти за рурален туризам и даватели на туристички услуги, нивната бројка била многу поголема.
Идентификувани се вкупно 791 објекти и услуги за рурален туризам кои беа презентирани на платформата. На овој начин проектот работеше на нивно заедничко присуство на онлајн туристичките мапи, промоција на сите туристички производи како пакет на ниво на регион за да се задржат туристите во регионот подолг период – вели Андреска.

Во рамките на проектот развиена и промовирана е онлајн платформа за рурален туризам. Таа промовира: 291 сместувачки капацитет, 125 ресторани, 12 планинарски домови, 7 места за кампување, 15 археолошки локалитети, 15 манастири, 13 села кои треба да се посетат и видат, 10 културни настани, 10 планински врвови. Вкупно 498 сервиси/локации се промовирани преку платформата www.visitrural.mk.
Беше планирано платформата да биде достапна до крајот на февруари 2020 година. Но, АЛКА сè уште е обврзана, континуирано да ја обновува платформата и таа да биде достапна за сите заинтересирани нови капацитети и сервиси кои сакаат да се промовираат. Целта е секој турист, домашен или странски, да ги детектира сите места што може да ги посети и истражи и сите нешта што може да ги вкуси, види или почувствува, во текот на неговото првично замислено патување – објаснува Андреска.
Во рамките на проектот дизајнирана е онлајн-кампања и промоција надвор од државните граници за да се привлечат повеќе странски туристи. Вториот дел од онлајн-кампањата е спроведен во земјава и на локалните веб-страници и социјални медиуми, за да се привлечат и домашните туристи, поради ковид-кризата.

Спроведени се шест регионални тренинзи за 120 даватели на рурални туристички услуги и други релевантни чинители кои се обучени во сферата на онлајн-маркетинг и комуникации.
Како што објаснува Андреска, од корисниците овие обуки беа препознаени како нешто што е неопходно за сите туристички капацитети, но особено за оние од мал обем и во руралните средини. Формирале тим од самите организации-спроведувачи на проектот, кои во соработка со експерти и консултантска помош обезбедиле дополнителни 3.000 часови техничка помош за приближно 80 даватели на рурални туристички услуги во различни сфери: промоција на рурален туризам, онлајн-маркетинг, фотографија, е-комуникација (онлајн бизнис комуникација), самостојно онлајн-учење.

Овој центар за поддршка е воспоставен и за понатамошното опстојување на онлајн-платформата и комуникација со нови заинтересирани сервиси, како и континуирана поддршка на сервисите во развивање на нивните способности. За таа цел достапни се и кратки лесно читливи прирачници за претходно наведените теми, кои се споделуваат со заинтересирани корисници во хартиена форма но и по електронски пат преку платформата.
Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) беше проект финансиран од ЕУ насочен кон подобрување на придонесот на туризмот кон локалниот економски развој.





