Промоции на 17. издание на „Роднокрајни поетски средби“

Под падините на Беласица во амбиент на камениот амфитеатар на ресторанот „Атлантис“ во близина на Смоларски водопад денеска во 17 часот ќе почне 17. издание на „Роднокрајни поетски средби“. Ќе бидат промовирани две нови поетски збирки: „Смоларе во срце те носам“ од Марјан Христов Смоларски и „Размена меѓу световите“ од Елизабета Дончевка-Лушин. Ќе присуствуваат и дваесетина роднокрајни поети од Струмица и околината.

Промотор на „Смоларе во срце те носам“ ќе биде еминентниот македонски поет Борче Панов, додека „Размена меѓу световите“ ќе ја промовира м-р Сузана Мицева. Стихови ќе читаат проф. Павле Стојанов, м-р Наташа Василевска-Трајчевска и Васка Ангелова. Модератор на настанот ќе биде Митко Гогов, а музичката поддршка на талентираниот млад гитарист и вокалист Душко Никовски.

– „Роднокрајни поетски средби“ е поетска манифестација која редовно се одржува на различни локации во Струмица и струмичко за да ги промовира домашните автори по еден сосема уникатен и неформален начин. Секој што пишува или има што да каже може да биде дел од овие средби. Манифестацијата ќе го прошири самиот формат, па освен поети, ова е идеално место да се претстават и луѓе кои се занимаваат со перформанс, стенд ап, слем поезија, free style изразување и што уште не. Да се биде отворен кон сите нови форми на интерпретација е од исклучителна важност, со проширувањето на кругот на учесници ќе се создаде уште поширокогледа платформа – велат организаторите, Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст-Струмица“.

„Роднокрајни поетски средби“ досега биле домаќини на повеќе од 50 локални автори и десетици етаблирани поети од Македонија и странство, а се реализирале во „Св. Петнаесет тивериополски свештеномаченици“, „Св. Богородица Елеуса“ во Вељуса, Колешински водопади, воденицата во Старо Коњарево, градскиот парк и други алтернативни простори. Настанот е поддржан од АД „Грозд Струмица“ и ТА „Атлантис Струмица“.

Сподели