Да се подобри квалитетот на туристичката понуда во земјава и да се зголеми бројот на домашни и странски туристи не е лесна работа. А токму тоа е зацртаната цел на проектот „Градење менаџерски вештини и деловни врски за подобрена услуга во туристичкиот и угостителскиот сектор“, кој беше спроведен во екот на најголемата изолација предизвикана од пандемијата со ковид-19. И покрај тоа што се соочил со безброј предизвици, проектот спроведен од Центарот за развој на претприемачи и менаџери е избран за една од 14-те најуспешни приказни во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), четиригодишна инвестициска операција финансирана со донација од Европската унија (ИПА 2).

Иако првично беше наменет за поддршка на туристичко-угостителски бизниси од три дестинации од Република Северна Македонија (Скопје, Куманово и околината; Пелагонија и околината и Тиквеш и околината), со неговото целосно поместување онлајн всушност се отвори една убава можност – услугите во рамките на проектот да се понудат на туристичко-угостителски бизниси од целата територија на земјата. Така, ограничувањата кои ни ги наметна пандемијата ги претворивме во придобивка, и на тој начин опфативме многу поголем број на учесници од предвиденото. Воедно, поради заштедите од планираниот буџет, како резултат на отсуство на настани на физичка локација и патувања, се реализираа и дополнителни активности кои не беа во оригиналниот дизајн на проектот – вели Ана Трповска, проектен менаџер во Фондација ЦЕЕД Македонија.

Вкупниот буџет за проектот изнесува 26.758 евра, од кои Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија обезбедија 22.132 евра, а Центарот за развој на претприемачи и менаџери учествуваше со 4.626 евра. Реализацијата на проектот траеше 13 месеци и неговата основна намена беше да помогне во подобрување на квалитетот на туристичката понуда за да се зголеми на бројот на домашни и странски туристи во земјава.
Обезбедивме јакнење на капацитетите на топ менаџерите и менаџерите од средно ниво во туристичко-угостителските бизниси преку зајакнување на нивните менаџерски вештини. Дадовме поддршка на овие бизниси во подобрување на нивните маркетиншки планови и зголемување на фокусот на дигиталниот/онлајн-маркетинг и интернет-промоцијата. Овозможивме бизнис-контакти и соработка помеѓу компании од туристичко-угостителскиот сектор и подобрување на пристапот до финансии, преку јакнење на капацитетите на топ менаџерите и сопствениците на овие бизниси – објаснува Трповска.

За да се остварат зацртаните цели, тие дизајнирале активности за јакнење на капацитети и за остварување на бизнис-контакти преку две тренинг-програми, составени од повеќе различни теми. Едната, составена од 4 модули, се фокусирала на тоа како да се подобрите продажбата, дигиталниот маркетинг и онлајн-продажбата, лидерски вештини особено важни во време на криза и развој на тимови, односно управување со тимови, менторство и коучинг.
Како што објаснува Трповска, втората обука била на тема: пристап до финансии за топ менаџери и сопственици на бизниси од туристичко-угостителскиот сектор и нејзината цел била да помогне на оваа категорија во идентификување и остварување на можности за пристап до финансии потребни за развој на нивните бизниси, особено со оглед на кризата која настана како резултат на пандемијата. Сите обуки биле комбинирани и со индивидуално менторство за учесниците, согласно нивните барања и потреби. Бидејќи проектот бил целосно поместен онлајн, заштедата на планираниот буџет била значителна и во договор со ПЛРК дополнително дизајнирале и спровеле уште една обука адаптирана за потребите на оваа целна група – Обука за основни вештини за управување со човечки ресурси.

Во рамките на активностите за јакнење на капацитети имало повеќе од 500 посетители на 29 онлајн-сесии, а биле спроведени најмалку 75 индивидуални менторски сесии, на различни теми и со повеќе различни бизниси. Дополнително, на настанот за вмрежување, учествувале 30 учесници од различни туристичко-угостителски бизниси и организации кои делуваат во овој сектор.
Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) беше проект финансиран од ЕУ насочен кон подобрување на придонесот на туризмот кон локалниот економски развој.





