Прилепскиот театар ја подготвува „Поблиску“ од Патрик Марбер во режија на Кирил Петрески

Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во тек се подготовките за претставата „Поблиску“, по текст од Патрик Марбер, во режија на Кирил Петрески. Ова е праизведба на „Поблиску“ во прилепскиот театар.

– Се работи за еден специфичен драмски текст кој што се занимава со односите на маж – жена и прави анализа на деструктивните можности на љубовта, интимноста и телесните желби меѓу два модерни пара – вели режисерот Петрески.

Во претствата играат: Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Илија Волчески и Дарко Карбески.

Костимограф е Александар Џинго, изборот на музиката е на режисерот Петрески и Томе Темелкоски. Премиерата е планирана за месец мај.

Авторот Патрик Марбер е современ англиски драматург, театарски и филмски режисер, актер и сценарист. Автор е на повеќе пиеси, сценарија за филмови, професор по современ театар на Оксфордскиот универзитет.

Сподели