Приказната Laibach, нивната музика и јас

Пишува: Ана Стојаноска

Триесет и две години по мојата прва средба со Laibach, по повеќе од десет други низ сите овие години, вчера се сретнавме повторно, јас и Laibach. Музички моќни –  како и секогаш, театрални – повеќе од секогаш, визуелно – провокативни и се разбира, секогаш инвентивни, Laibach – по не знам кој пат го освоија Скопје. (Се разбира дека алудирам на оној нивен фамозен слоган “We come in peace”).

Ова не е ниту рецензија, ниту осврт, ниту стручен коментар на феноменот Laibach и концертот што го одржаа вчеравечер во Македонската Филхармонија, во организација на „Таксират“. Ова е само оставање трага во колективната меморија на гостувањата на некои од најмоќните и култни музички имиња денес. Ова е најточно кажано, мојата приказна со Laibach. Имав скоро 16 години кога прв пат ги сретнав Vier Personen (во почетокот се квартет и алудираат на тоа и со песната со тој наслов во која се вмрежени псевдонимите на основачите на Laibach: Dachauer, Keller, Saliger и Eber, која го отвори вчерашниот концерт) и од првиот момент ме „заробија” во нивната симбиоза од перформативност, провокација, отпор и музика која ве тера да ѝ се покорите (до денес тврдам дека гласот на Милан Фрас е еден од најмоќните вокали, воопшто). Laibach може да ги сакате или не сакате, нема средина. Најчесто и не ги разбирате/ме. Најчесто има различни интерпретации за нивната музика, изглед, перформативност, … Најчесто тоа и нема врска со вистината позади нив или во однос на Neue Slowenische Kunst (NSK – уметничкиот колектив). Но, барем кај мене, тоа е љубов која трае многу, многу години.

На сцената на Филхармонија, Laibach го отворија перформансот (не беше ова класичен концерт, посебно зашто беше малку иронично да се гледа/слуша Laibach со седење во концертна сала, ама и тоа е дел од нивната идеја за провокација и промена на востановената иконографија на нивните концерти) со „Vier Personen“, визуелно претопено со видеопораки и мистична и моќна иконографија што е нивен личен печат. И тука почнува приказната за тоа како од обичен гледач стануваме дел од колективот Laibach. Веќе со „Држава“ почнува секое делче од телото, секој сензорен апарат да почнува да дише во ритамот и ефективниот страшно театрален вокал на Фрас и… реалноста си заминува. Остануваме ние и Laibach или сите ние сме Laibach во тие скоро 2 часа (со едно интермецо од 15 минути). Laibach дојдоа во Скопје да го промовираат реизданието на првиот албум што беше објавен во продукција на денес култните Mute Records – „Opus Dei“, насловен како „Opus Dei: Revisited“. Како звучи ново издание на стар албум (1987) во кој се интерпретирани од страна на Laibach некои доминантни музички форми на минатиот век? Поточно, како да се направи коментар на сопствениот коментар и тоа со временска дистанца од триесет и седум години? Како да се направи музички – визуелен и перформативен настан во два часа, во кој публиката ќе дише заедно со членовите на бендот?

И одговорите на сите тие прашања ги добивавме во текот на целиот перформанс: девет песни во првиот дел, кој кулминираше со Alle Gegen Alle (да, навистина беше „чудно“ да се седи на изведбата на оваа култна песна), и по интермецото продолжи со песните на Opus Dei во нивната нова форма, за по враќањето на бис да нѐ навлечат кон, за мене, комерцијалната страна, со доаѓањето на новата пејачка Марина Мартенсон со трите песни предводени од лиричната „The Еngine of Survival“. Но, Laibach не би биле Laibach, ако Милан Фрас го немаше последниот збор. Да ја слушнете „Strange Fruit“ на Били Холидеј, споена со апокалиптичниот видео коментар на урнатините од војни денес низ светот, со глас кој истовремено ве вознемирува и покорува, воден од моќната музичка апаратура беше повеќе и од театарско и од музичко и од уметничко искуство, воопшто. Иако беше затворен концертот со пораката This is the End. See you again… in hell, мене барем ми остави надеж, дека ниту музиката, ниту уметноста се мртви денес во овој какофоничен свет распнат меѓу профитот и моќта, посебно не кога Laibach го имаат последниот збор.

Не ми беше ниту прв, се надевам, ниту последен нивен концерт, но она што сакам да го издвојам е дека секогаш звучат уште подобро и помоќно, и дека независно од сите тие години што поминале Laibach има свое место во светската култура и музика.

Laibach Фала ви за тоа!

Сподели