Во ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје утре во 12 часот ќе биде претставено компаративното истражување на изборните системи. Присутните ќе ги поздрават ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, Петар Атанасов, директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, Јоана Косма, директорка на ИФЕС за нашата земја и Миша Поповиќ, програмски директор во ИДСЦС. Презентација на компаративните наоди ќе одржат Анета Цекиќ и Јован Близнаковски од ИСППИ, а потоа ќе дискутираат политикологот Илина Мангова и Марко Кртолица од Правниот факултет „Јустинијан Први“.
– Според повеќе различни проценки, квалитетот на изборните процеси и либералната демократија воопшто е во стагнација на глобално ниво во изминатите години. Во дел од современите демократии (па дури и во оние кои се на повисок степен на развој) се зацврстуваат елементи на компетитивен авторитаризам, отсликан, меѓу другото, и во низа недоследности во имплементацијата на изборните процеси. Во други, динамиката флуктуира од период во период, согласно надворешни и внатрешни фактори, креирајќи епизоди на назадување и зајакнување. Сепак, постои голема варијација меѓу современите демократии, правејќи ги феномените на современата компаративна политика особено интересни. Каде е нашата земја во целата оваа глобална динамика – велат организаторите.
Компаративното истражување на изборните системи (КИИС/CSES) е меѓународно анкетно истражување кое се фокусира на изборното однесување на граѓаните. Досега е имплементирано во 60 земји низ светот во пет завршени брана. Кај нас беше спроведена од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ИСППИ-УКИМ), со поддршка од Швајцарската програма за поддршка на изборите во Северна Македонија1 и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), како и со грант од Американската национална научна фондација во рамки на Програмата за почетни КИИС грантови. Теренската работа во земјата се спроведе во втората половина на 2024 година.





