Писателката Билјана Црвенковска ќе има две читачки промоции на германското издание на романот на Саемот на книга во Франкфурт кој почнува денеска и ќе трае до 19 октомври. Романот, издание на реномираниот германски издавач „Мителдојчер ферлаг“ (Mitteldeutscher Verlag) е прогласен за издавач на годината во Германија во 2025, првпат беше претставен на саемот на книга во Лајпциг во март годинава. Делото на германски јазик го преведе Корнелија Маркс, славистка и македонистка која зад себе има бројни преводи на прозни и поетски дела од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина …
Во рамки на официјалната програма на Саемот, Црвенковска ќе има двочасовно читање и разговор за романот во женскиот центар Frauentreff F132 утре во 18 часот и на 17 октомври, во 10 часот, кога ќе се претстави на сцената на независните германски издавачи во саемскиот комплекс. Разговорот со Црвенковска ќе го води новинарката и критичарка Клара Струбе. Црвенковска ќе биде гостин и на штандот на „Мителдојчер ферлаг“, каде што е изложено и германското издание, додека македонското издание и сите негови преводи, вклучително и работниот превод на англиски, ќе бидат изложени на штандот на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
Делата на Црвенковска се вклучени и во двата каталога кои МАИ ги подготви за Саемот на книга во Франкфурт: каталогот каде се претставуваат македонските автори на проза и поезија, како и во каталогот за литература за деца, чија насловна страница е илустрација на Катерина Николовска од книгата „Тигар на улица“, а според текст на Црвенковска, книга која влезе во престижниот каталог „Бели гаврани“ (White Ravens) во 2023 година.
Романот „Девет приказни за госпоѓица Сит“ („Чудна шума“, 2019) е обмислен и внимателно структуриран роман, пишува рецензентката Калина Малеска.
„Функционира и како збирка раскази и како роман составен од една основна приказна-рамка што содржи девет други приказни, низ кои се провлекуваат неколку заеднички лајтмотиви. Тивкото чекорење на мачката – вистинска, замислена, симболична – но и нејзините ненадејни појавувања ги врзуваат во цврста композиција нишките од наративните месечеви мени и фуги. Во расказите се прикажани ситуации во кои сите протагонистки се наоѓаат на некаков крстопат, ситуација во која мора да донесат тешка одлука.“
Романот беше финалист за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 година, а досега е преведен на германски, украински и на српски јазик.





