Претставата „Добри луѓе“ на „Златен Елец“ од Крушево до Тузла

Претставата „Добри луѓе“ според текст на Данкан Мекмилан во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, а во продукција на независниот театар „Златен Елец“ вечерва во 21 часот ќе биде изведена на летната сцена во Крушево. Со ова почнува турнејата на претставата низ Македонија и во Босна и Херцеговина.

Претставата во Крушево е во рамките на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. Во дуодрамата „Добри луѓе“ играат Филип Христовски и Тијана Трајчевска, музиката е на Ива Дамјановски, дизајнот на рекламниот материјал е на Бојана Цилевска, а продуцент е актерот Бобан Алексоски. Театар „Златен Елец“ уште од 2020 година со сите претстави патува низ државата, но и надвор од неа.

– Се трудиме секое лето да правиме мала турнеја, како што лани тоа беше со претставата „Кенди“ и „Пингвинот“ во режија на Тамара, претходно со претставата „Грета“, монодрамите „Дневникот на лудиот“, Надица Петрова со стендап настапите, со детските претстави, со другите претстави што сме ги работеле – вели Бобан Алексоски.

Претстават утре ќе биде изведена на Меѓународниот театарски фестивал „Без рамка“ во Демир Капија во Домот на култура „Мирка Гинова“. Театар „Златен Елец“ по трет пат учествува на овој ревијален фестивал, претходно со наградуваната „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска и „Дневникот на лудиот 3: Куќа на духови“ во режија на Ѓорѓи Ризески.

На 9 август претставата ќе биде изведена во Радовиш на летна сцена, а на 10 август пред Костурницата во Велес во рамките на програмата Велешко лето 2025.

На 27 август претставата ќе се игра на планината Плачковица во близина на Штип, во Планинарскиот дом „Вртешка“. На 30 август „Добри луѓе“ ќе го затвори ревијалниот фестивал „Позориште без граница“ во Тузла, Босна и Херцеговина.

Годинава „Добри луѓе“ се играше во Драмски театар на неделата на независна сцена, Младинскиот културен центар на фестивалот Скопско лето и во Битеф во Белград. Премиерата се случи се случи во ноември 2023 година. Од септември театар „Златен Елец“, новата 2025/2026 сезона ја започнува со три големи нови проекти, a ќе режираат Тамара Стојаноска и Мирко Радоњиќ од Црна Гора.

Сподели