На Големо Езеро, Пелистер, на 2.218 метри надморска височина вечерва во 21.30 часот ќе биде изведена претставата „Ноќта кога ја убив месечината“. Уникатниот културен настан го организираат Националниот парк „Пелистер“ во соработка со Народниот театар, Битолскиот камерен оркестар со поддршка на Општина Битола,
– Под светлината на полната месечина, публиката ќе има можност да ја проследи драмската претстава во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во претставата заедно со актерот Александар Копања. Музиката за претставата ќе биде во живо во изведба на членови од Битолски камерен оркестар. Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд – велат организаторите.

Претставата ќе трае до полноќ. Сите заинтересирани треба да се пријават на телефонскиот број 070312214 зашто бројот на посетители е ограничен. Поради специфичните природни услови и безбедносните протоколи (вклучително и важечката забрана за движење во шума), присуството е дозволено само со претходна најава, независно од начинот на пристап. Организаторите препорачуваат носење соодветна планинарска опрема: високи обувки, повеќеслојна облека (јакна, капа, ракавици), челна ламба и кутија за прва помош, храна и најмалку 2 литра вода.
Температурата за време на настанот ќе се движи меѓу 11 и 13 Целзиусови степени.





