Претприемништвото и неговото зајакнување во регионот – тема на дводневна конференција

Во Скопје во тек е регионална конференција насловена „Соработка за зајакнување на претприемаштвото и растот на малите и средните претпријатија“. Дводневната конференција што започна вчера и се реализира во х. Буши Ресорт и спа, ја организира Агенцијата за поддршка на претприемништвото.

Целта на оваа регионална конференција е да ги донесе клучните владини ентитети и приватниот сектор заедно, и сите чинители што создаваат динамичен екосистем што ги охрабрува претприемачите, ја ослободува иновацијата и придонесува за одржлив економски развој на поширокиот регион.

Конференцијата вчера ја отвори градоначалничката Данела Арсовска, а една од модераториките беше Македонка Димитрова, ко-основач на ECOS институт за одржливост – Скопје и почесен амбасадор на Energy Globe во Македонија.

Повеќе за програмата на конференцијата денес, на следниот линк.

На конференцијата учествуваат владини претставници и претставници од академската фела од Србија, Хрватска, Турција, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина.

– Градот Скопје посветено работи на подобрување на услугите со цел отстранување на административните бариери за кои најчесто забелешки истакнуваат граѓаните и стопанството. Новите програми за претприемништво и поддршка на иновации на град Скопје, се дел од приоритетните заложби на кои посветено работиме, со цел поттикнување на локален економски развој и воспоставување на соработка меѓу Град Скопје и приватниот сектор. Формиравме Совет за жeни претприемачи, кој придонесува во креирањето политики и програми со кои придонесуваме за економски силни и финансиски стабилни жени претприемачи и постигнување нивна одржливост. Малите и средни претпријатија се столбот на економијата, создаваат работни места, поттикнуваат иновации и придонесуваат за економски раст. Развојот на малите и средни претпријатија значи зајакнување на конкурентноста и претприемништвото, што директно влијае врз подобрувањето на ефикасноста, продуктивноста и степенот на иновации во економијата. Денес имаме одлична можност за размена на добри практики и позитивни искуства, од кои произлегуваат решенија и конкретни мерки за полесно справување со заедничките економски предизвици во регионот – истакна Арсовска.

Целта на регионалната конференција е да ги обедини клучните владини агенции и чинители од земјите од Западен Балкан, Турција и соседните земји-членки на ЕУ, но и преостанатата придружна инфраструктура за да се создаде динамичен екосистем кој ги поттикнува претприемачите и иновациите со што ќе ја зајакне нивната економска отпорност и ќе придонесе за одржливиот економски развој на поширокиот економски развој.

Сподели