Премиера на „Рибарски караници“ на Битолскиот театар на Ротинско езеро

Претставата „Рибарски караници“ во продукција на Народниот театар од Битола, ќе ја има својата премиера под ѕвездено небо вечерва во 20 часот на Ротинско езеро. Магијата која ја нуди ова езеро, самиот национален парк Пелистер, за нас беше предизвик да направиме претстава која ќе биде малку поразлична од сето она што досега сме го правеле, рече Васко Мавровски, директор на театарот.

Претставата е во режија на Јован Ристовски, а играат: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Соња Ошавкова, Петар Горко, Марија Цветановска, Леонида Гулевска, Валентин Дамчевски, Елена Моше, Живко Борисовски, Петар Спировски, Александар Димитровски, Илина Чоревска, Катерина Аневска – Дранговска и Марија Стефановска.

– Имавме пријатели, колеги кои гледаа дел од пробите и нивниот впечаток е дека освен комичната приказна која се раскажува, има нешто што луѓето ќе го забележат. Сите актери храбро влегоа во овој процес каде од тој комичен аспект на текстот, претставуваат и карактери кај кои ќе видиме и негативни особини. Ова е храбра претстава и иако е како театарски жанр комедија, е и сатира во некои сцени. Ликовите без разлика што се случува меѓу нив, на крај наоѓаат едно меѓусебно човечко разбирање кое треба да покаже дека таа љубов и емпатија меѓу народот недостига – рече Ристовски.

Драматург на претставата е Билјана Крајчевска.
– Текстот е доста интересен кој иако е пишуван одамна, како да е напишан во денешно време, иако ние го избегнуваме оној дел на класните разлики, се фокусираме на љубовта, човечноста, недоразбирањата, корупцијата, моќта и слично. Режисерот заедно со актерите го направија препевот на овој текст, и се зборува на дијалекти од западна, источна, југозападна Македонија“, рече Крајчевска.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костими Андреј Ѓоргиевски, композитор на музика Александар Димовски, светло мајстор Игор Мицевски, инспициент Оливер Петровски, суфлер Гордана Михајловска, продуцент Димитар Михајловски.

– Предизвикот беше голем да се прифати да се биде продуцент на претставата, мислам дека овој ми е најдобар проект досега што го имам направено, работевме напорно изминатите месец и половина и претставата навистина вреди да се погледне, додава Михајловски.

За потребите на оваа претстава, Битолскиот театар со поддршка од Општина Битола, го реконструираше патот кој води до езерото, туристичка атракција на која за прв пат ќе се одигра театарска претстава.
Следната изведба е утре (26 јули) од 20 часот, а на 22 септември претставата ќе биде изведена на сцената на Битолскиот театар.

„Рибарски караници“ е 13-та премиера за сезоната 2024/ 2025 година. Овој текст се поставува по трет пат на сцената на битолскиот театар. Досега 17.000 гледачи од јануари до јуни ги погледнале претставите на Битолскиот театар.

– За прв пат во 1957, со одиграни 25 претстави, вкупно публика 6897, по втор пат во 1992 со 36 одиграни претстави, 14000 вкупен број на публика. Наш предизвик е да ги надминеме овие бројки, во овој состав и време да биде една од актуелните
претстави кои ќе може битолската публика да ги погледне, рече Мавровски.

Сподели