Перформансот „Мачката Елеонора“ по монодрамата на Карен Јес, со авторски текстови од колективот и текстови на Елфриде Јелинек, Пол Б. Пресиадо и Силвија Федеричи ќе биде премиерно изведен вечерва во 20 часот во МКЦ клуб во Скопје. Коавторки и изведувачки се: Моника Ангелевска, Грација Атанасовска, Јасмина Василева, Вероника Камчевска и Катерина Шекутковска, која го направи и преводот од германски.
Перформансот е во продукција на „Тииит! Инк. – Скопје, 2023, а извршен продуцент е Петар Антевски. Поддршка во креативниот процес дадоа: Јасна Жмак, Викторија Илиоска, Кристина Леловац, Биљана Тануровска-Ќулавковски, Ана Дубљевиќ
Премиерата на „Мачката Елеонора“ е дел од изведувачката програма на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско 11“ и од програмата МОТ+.
Како може да се замисли индивидуална и колективна трансформација поаѓајќи од невозможноста за дијалог и од поразителната недоволност на јазикот и зборот? Монодрамата „Мачката Елеонора“ на германската авторка Карен Јес нуди мноштво инспиративни, смели, но и предизвикувачки решенија и одговори за патот кон трансформацијата и предизвиците поврзани со чинот на отфрлање на светот во име на радикалната самоопределба. Токму овие аспекти стојат во фокусот на перформансот „Мачката Елеонора“. Навидум линеарниот процес на трансформацијата од човек во мачка, како и на наративниот развој на перформансот е воден од принципот на сплотени контрадикции. Колективот ги разработува овие процеси не само преку амбивалентниот лик на жената мачка Елеонора Гарацо, туку и преведувајќи ги во контекст на професионалниот, сексуалниот и родовиот идентитет преку комбинирање на текстуалната основа со свои авторски трудови и трудови од други автори/авторки.
Во работата на интердисциплинарната група авторки се преплетуваат пристапи од изведувачките и визуелните уметности со теоријата и книжевноста. Во фокус на нивната автентична практика стои токму комуникацијата меѓу дисциплините и истражувањето на можностите за методски и содржински трансфер од едната во другата. Преиспитувањето актуелни феминистички и родови прашања и политики, како и потрагата по простор за вонинституционално креативно изразување се едни од главните цели на колективот.





