На малата сцена на Народниот театар од Охрид, вечерва во 20 часот ќе биде изведена претставата „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле, во адаптација и режија на Андреј Цветановски. Станува збор за битово-социјална драма со мотиви од печалбарскиот живот. Темата е животот и трагедијата на едно македонско сиромашно семејство, принудено да го испрати својот единствен син на печалба, а идејата е јасно изразена во насловот – проклетството на парите. Дејството се случува во западниот дел на Македонија, некаде во дваесеттите години на минатиот век.
Во претставата играат: Стрезо Стаматовски како Митре, Филип Кипровски во улогата на Анѓеле, Марија Новак ја толкува Мара, Адријана Билаловиќ – Тодороска ја игра улогата на Ката, а Никола Тодороски го игра Софре. Сцената, костимите и видеодизајнот се на Сергеј Светозарев, а музиката на Димитар Андоновски.

За режисерот Андреј Цветановски ова е петта премиера на сцената на охридскиот театар и дека тоа е негов личен рекорд на поставени претстави на сцената на еден театар.
-„Парите се отепувачка“ спаѓа во класиците на македонската драматургија и како таква секогаш е подложна за нови сценски прочити. А тоа е можно затоа што темата е секогаш универзална : Која е жртвата што ја прави оној што оди на печалба, но и која е жртвата на семејството кое останува и чека печалбарот да се врати? Дали вреди животот да се стави на пауза заради соништата на семејството? Дали изгубеното време се надоместува со кои било пари? Низ овие поставени прашања се обидовме да направиме античка трагедија низ македонскиот мелос од битовата драма на Ристо Крле – вели Цветановски.





