„Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска на „Астерфест“: На луѓето со хендикеп не им треба сожалување, туку поддршка

Сите мои студентски филмови се инспирирани од вистински животни приказни и луѓе. Мојата страст е да ги документирам и анимирам нивните приказни – вели младата режисерка Ема Зафировска, која дипломираше во Велика Британија.

„Мајчински инстинкти“, дипломската работа на Ема Зафировска, е краток анимиран документарен филм во кој се истражуваат искуството на Амрит Даливал, слепа мајка, и нејзините лични предизвици во улогата на родител. Ема неодамна дипломираше на Универзитетот за креативни уметности во Фарнам, Велика Британија, а нејзиниот филм ќе има интернационална фестивалска премиера токму на 20. „Астерфест“ на 5 август во Амфитеатарот во Струмица.

 Што ве инспирира за филмот?

– Мојата главна инспирација за филмот „Мајчински инстинкти“ е Амрит Даливал, со која за првпат се сретнав пред почетокот на овој проект, кој воедно е мој дипломски филм на Универзитетот за креативни уметности во Фарнам, Велика Британија. Филмот е приказна за нејзината кревкост, но и страст да навигира низ животот со сите предизвици кои ги носи оштетеноста на видот. Додека работев на филмот во текот на годината, разговорите со Амрит и нејзината позитивност и енергија ми помагаа да истрајам до крај, да најдам решенија како да го визуализирам и анимирам светот кој таа не го гледа. Тежнеев да ја раскажам приказната на Амрит преку нејзиното искуство и траумата низ која поминала, кога во еден момент не може да го најде малиот син во станот.

Како авторка на овој мошне интересен краток филм, кои се пораките што би сакале да им ги пренесете на гледачите?

– „Мајчински инстинкти“ е филм кој ја отсликува не само вистината на Амрит, туку и на многу жени кои се исправени пред слични предизвици. Бидувањето мајка е одвоено од нејзината хендикепираност, во нејзиниот случај, слепа мајка. И дека едното не го исклучува другото. Амрит и многу други луѓе кои живеат со хендикеп се често неправедно омаловажувани и се принудени да ги бранат и оправдуваат своите права, во нејзиниот случај, правото да биде мајка и уште повеќе – дека е еднакво добар родител, како и луѓето кои немаат хендикеп.

Сите мои студентски филмови се инспирирани од вистински животни приказни и луѓе. Мојата страст е да ги документирам и анимирам нивните приказни.

Ема Зафировска

Прикажувањето на „Мајчински инстинкти“ на „Астерфест“ ќе биде своевидна светска фестивалска премиера. Кои се вашите понатамошни планови со овој свеж и ветувачки филм?

– Како млад автор, само што дипломирав Анимација и филм, многу сум благодарна на „Астерфест“ што ќе го прикаже и ќе го доближи до публиката мојот краток филм. Целиот труд на секој автор ја наоѓа својата цел и продолжува да живее со публиката. Се надевам дека филмот ќе ја поттикне публиката да размисли за луѓето со хендикеп, дека ним не им треба ниту сожалување, ниту осудување, туку поддршка и рамноправност.

Се надевам дека по „Астерфест“, „Мајчински инстинкти“ ќе биде прикажан на барем уште неколку фестивали.

Сподели