Премиера на краткиот „Синиот час“ на Ана Јакимска

Краткометражниот игран филм „Синиот час” по сценарио и во режија на Ана Јакимска ќе биде премиерно прикажан вечерва во 21 часот во МКЦ парк кино во Скопје, во рамките на „Синедејс“. Улогите во филмот ги толкуваат: Наташа Петровиќ, Жаклина Стевковска, Дарко Набаков и Тамара Ристоска. Филмот е во продукција на „Кавал филм“ (Роберт Јазаџиски), во копродукција со „Круг филм“ и „ФилмсЗаНас“, а е поддржан од Агенцијата за филм.

„Синиот час” е приказна за Петра, девојка со потекло од мало провинциско гратче, која живее и работи во Скопје каде успеала да се избори за своето место, да се интегрира во урбаната средина и да се реализира на професионален план. Во обид да ги оствари своите соништа за иднината и на љубовен план, за време на
предновогодишната забава организирана од компанијата во која работи, таа се впушта во романтична авантура со колегата што ѝ се допаѓа. Но, во исто време во посета ѝ доаѓа нејзината мајка. Ова совпаѓање на настаните го става на тест односот помеѓу мајката и ќерката. Преку нивниот однос и внатрешните превирања на Петра, филмот го отсликува и судирот помеѓу два различни концепта на живеење, модерните текови на животот во Скопје, како главен град во подем, и конзервативните убедувања на луѓето
доселени од внатрешноста на земјата во транзициските 90-ти години од минатиот век.

Директор на фотографија е Дејан Димески, сценограф – Симо Бранов, монтажер – Горјан Атанасов, дизајнер на звук – Игор Поповски, композитор – Тони Китановски, костимограф – Жаклина Крстевска и шминкер – Жанета Димитриевска.

 

Сподели