Премиера на „Која е Лорет“ во чест на 35 години Театар за деца и младинци

На сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје, вечерва во 19 часот ќе биде изведена претставата „Која е Лорет“, во режија Драгана Милошевски-Попова. Претставата е наменета за публика на возраст од 6 години нагоре. Претставата е работена по текстот на француската авторка Флоранс Кадие. Драматизацијата на Милена Деполо. Идејното решение за сценографијата, куклите и костимите е на Ирина Сомборац, музиката ја потпишува Сашко Костов, а асистент на режија и стручен соработник е Драгана Таневски.

Во претставата настапуваат: Ана Левајковиќ-Бошков, Мики Анчевски, Винета Дамческа-Мојаноска, Петар Стојанов, Анастасија Ласовска и Вања Стојановиќ.

„Која е Лорет“ е претстава што го истражува прашањето на идентитетот и припадноста, отвора простор за разбирање на различностите и ја поттикнува публиката да го препознае и прифати другиот. Во фокусот на приказната е Лорет – девојче со Даунов синдром, кое не е дефинирано преку една особина, туку преку сите улоги што ги живее: ќерка и сестра, ученичка и пријателка, актерка, режисерка и сликарка… Таа е дете со соништа, таленти и емоции, кое го сака истото што го сака секое друго дете – да биде видено, прифатено и сакано.

Преку средбите со семејството, врсниците и светот што ја опкружува, Лорет го поставува едноставното, но суштинско прашање: кои сме ние навистина и дали другите нè гледаат онакви какви што сме. Претставата ги повикува децата да размислуваат за тоа дека идентитетот не е една единствена карактеристика, туку мозаик од сè она што сме и што можеме да бидеме.

„Која е Лорет“ испраќа јасна порака дека прифаќањето се учи, дека различноста се живее и дека секое дете има право на свое место во светот. Со внимателно изграден театарски јазик и емотивен пристап, претставата отвора важни прашања на начин разбирлив и близок за најмладата публика.

Со премиерата на претставата „Која е Лорет“ се заокружува програмата на Театарот за деца и младинци – Скопје за 2025 година, година во која институцијата одбележува 35 години од своето постоење. Во текот на годината, театарот ја реализираше својата програмска визија преку континуирано создавање нови детски и младински продукции, унапредување на квалитетот на изведбите и отворање на нови уметнички и организациски поглавја.

По повод јубилејот, Театарот за деца и младинци – Скопје издаде и краток каталог како надополнување на монографијата објавена по повод 30-годишнината од основањето на театарот. Каталогот го документира периодот од изминатите пет години и го бележи континуитетот и напредокот во работењето на институцијата, вклучително и развојот на продукцијата за деца и млади, како и започнувањето на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, како една од најзначајните нови активности во овој период. Публикацијата претставува сведоштво за растот и зрелоста на театарот како институција посветена на својата публика и на долгорочното градење на театарска уметност за деца и млади.

Сподели