Премиера на „Калигула“ во Куманово со Марко Трајковиќ во насловната улога

Претставата „Калигула“, по текст на Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, на Театар Куманово премиерно ќе биде изведена вечерва во 20 часот на камерната сцена во Центарот за култура во Куманово. Играат актерите од кумановскиот ансамбл: Марко Трајковиќ, Александра Михајловска, Владанка Крстевски, Кети Дончевска Илиќ, Давид Илиќ, Анастасија Величковиќ, Владо Дојчиноски, Жарко Јовановиќ и гостите Илин Јовановски, Никола Милошевски, Луна Маријановиќ, Теодор Јакимовски. Учествуваат и гости-танчери: Ева Пауновиќ и Јована Таневска. Првата реприза на „Калигула“ е закажана за 26 мај.

За актерот Марко Трајковиќ, Калигула му е животна желба.

– Тремата е голем, стравот, имаме гости кои ни доаѓаат од страна, селектори од фестивали, режисери, актери, танчери и се разбира отворена е претставата да ја погледне и пошироката публика. Убаво е што ја направивме претставата за ограничен број посетители, 50 луѓе ќе може да ја погледнат на секоја изведба, така ќе може да опстане на репертоарот долго време и едвај чекаме да ги видиме првите реакции, бидејќи ние што сме внатре, нашата перцепција е малку заматена, вели Трајковиќ.

Од прес-конференцијата со екипата на претставата

Ева Пауновиќ и Јована Таневска, танчерки од „Фјужн“ за прв пат ќе се најдат во театарска улога.

– Не би сакала да откривам повеќе детали, многу сме задоволни. Прв пат вака работиме, ова ни е прво театарско искуство, па ако актерите имаат трема, лично за мене немам коментар, вели Пауновиќ.

Таневска вели дека со години танцуваат, но ова е прв пат да бидат дел од театарска претстава во која има танц.

– Најинтересно од се е овој процес, колку е различно да си танчер, а колку е различно да си актер и кога ќе се спојат овие два света, има прекрасен резултат кој едвај чекаме да го видите, изјави Таневска.

Сценографот Мартин Манев вели дека пред 15-ина години започнал како театарски работник токму во кумановскиот театар и работата на оваа претстава му е голем предизвик и задоволство.

– Претставата беше полна и трогателна и тешка и работата веќе беше тука, ова само додаде, им олесни на сите да има за што да се фатат, да го направи тој контекст и слика, само ми е драго да сум дел од овој проект и се надевам дека претставата ќе живее, изјави Манев.

Сподели