Премиера на „Ифигенија за ништо“ во режија на Филип Петковски во Драмски – предизвик за актерите и публиката

Претставата „Ифигенија за ништо“ во режија на Филип Петковски, ќе ја има својата премиера утревечер во 20 часот во Драмскиот театар во Скопје. Станува збор за современа адаптација на античката трагедија на Еврипид, базирана на „Ифигенија во Авлида” – жртвувањето на Ифигенија во име на „високи цели” поради воените амбиции на нејзиниот татко Агамемнон. Иако темелена на античка трагедија, претставата обработува актуелна тема, се случува во денешно време и носи современа порака за безумноста од жртвување за која било војна и во име на каква било идеологија.

Смртта на Ифигенија не е возвишена ниту херојска туку е производ на семејна манипулација и инструментализирана патриотска реторика. Нејзиното страдање станува симбол на начините на кои системите на моќ ги користат човечките животи за лична и колективна добивка.

Според директорот на ДТС, Роберт Вељановски се работи за исклучително возбудлива претстава која нуди поинаков театарски пристап, со елементи на танцов и физички театар.

-Се надевам дека ќе биде добро прифатена од публиката и ќе биде освежување во репертоарот на Драмски и оти ќе имаме сериозен успех кај младите до 30 години, зашто нашата намера е кај таа генерација да создадеме навика да доаѓа во театар, рече Вељановски на прес-конференција.

Претставата чини 1.250.000 денари, соопшти Вељановски. 850.000 денари ќе се обезбедат од буџетот на Министерството за култура, а остатокот од сопствени средства на театарот.

Идејата на режисерот Петковски била дека Ифигенија „не умира за нешто, туку за ништо“, па така станува дел од еден поголем општествен механизам кој ја проголтува поединечната волја и ја заменува со идеолошка дисциплина.

– За Ифигенија било чест и била среќна да умре за државата и за нацијата. Јас тој аспект го проблематизирам и се поставува прашањето вреди ли да се поднесе жртва во име на нацијата, на државата или на некаква идеологија, конкретно националистичка и расистичка, односно дали вреди една млада девојка да биде симбол на таа жртва. Во оригиналната драма таа е прикажана како херој, а овде го проблематизираме тој аспект, рече Петковски, кој прв пат работи во национална установа, по долгогодишното искуство на независната театарска сцена.

Стилот на претставата е постдрамски театар, односно „телото, формата, светлото говорат гласно исто колку што говори и текстот“.

Главната улога ја игра Нина Елзесер. Таа истакна дека нејзиниот лик во претставата зборува за генерацијата млади незаинтересирани за системот во кој живеат, а самите се дел од него.

-Целото човештво има потфрлено за што сме виновни сите. Младите мора да бидат будни, втренчени, за да ги видат сите прилики со кои може да бидат подобри луѓе – истакна таа.
Актерите имале 40 дена интензивни физички подготовки за претставата.

Улогите ти толкуваат: Димитрија Доксевски (Агамемнон), Филип Трајковиќ (Менелај); Јелена Жугиќ (Клитемнестра); Стефан Вујисиќ (Ахил); Сара Климоска (Артемида); Марјан Наумов (Орест), Томислав Давидовски (Дечкото/Светиот елен), а учествува и петчлен хор.

Вујисиќ истакна дека редовни физички проверки би било добра пракса за актерите. За актерот Димитрија Доксевски оваа претстава има посебно значење, затоа што токму пред 20 години го играше ликот на Орест во првата негова професионална претстава, кога се’ уште беше студент. Претставата беше во продукција на Македонскиот народен театар. Тој посочи дека посебен предизвик му е токму фактот што со своите колеги излегле од конфор-зоната со оваа претстава.

Сценографијата е на Мартин Манев, костимите за претставата ги изработиле Антонија Гугинска-Јорданоска и Гордана Божиновска, кореографија и адаптација се на режисерот Филип Петковски, а одговорен за аранжман на музиката е Давид Николовски.

„Ифигенија за ништо“ е прва премиера на Драмски театар годинава. Како што соопшти Вељановски, следната премиера е планирана за 10 мај – „Гидионовиот јазол“ од Џон Адамс во режија на Драгана Милошевска-Попов.

Идниот месец во Драмски ќе почнат подготовките на копродукцискиот проект „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ по текст на Душан Јовановиќ во режија на Иван Пеновиќ од Хрватска, со меѓународна актерска екипа. Во копродукцијата, покрај Драмски, ќе бидат и Београдско драмско позориште, Местно гледалишче од Љубљана и Будва град фестивал. Премиерата се планира за 10 август во Будва. Кај нас ќе биде изведена на „Охридско лето“ на 17 август, а премиерата на матичната сцена во ДТС – на 25 октомври, на отворањето на РУТА-фестивалот во Скопје.

Кореографијата е исто така на Филип Петковски, сценографијата на Мартин Манев, а костимите се на костимографите Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска.

Претставата не се препорачува за лица под 16 години.

Сподели