Премиера на „Фај-Фај“ на Драмското студио од Тетово во Драмски во Скопје

Во Драмскиот театар во Скопје вечерва во 20 часот премиерно ќе биде изведена комедијата „Фај-Фај“ од Мирољуб Недовиќ-Рики во изведба на Драмското студио од Тетово. Режисер е Мирко Видоески, кој воедно го преведе и адаптира текстот од српски на македонски јазик. Изведбата е во рамките на денови на претстави од независна продукција во Драмски.

Во претставата настапува проверена актерска екипа на Драмското студио Тетово, која ја сочинуваат: Наташа Петровска, Лазар Саровски-Марта, Драгана Радованов, Глигорије Стојановски-Гиге и Игор Бачоски-Бачо.

Комедијата низ дијалозите на актерите ја отсликува денешната состојба во општеството. Притиснати со својата борба за егзистенција, истовремено се грижиме за сопствените деца, кои својот дом го засноваат некаде далеку, во туѓиот свет во којшто заминуваат по некој подобар живот, а на постарите (родителите) им останува со нив да комуницираат преку интернет (Wi-Fi). Иако на прв поглед делува како урнебесна комедија, во текот на претставата провејуваат повеќе жанрови како драма и мелодрама со сатирични сегменти. Претставата е комедија на ликови, карактери, ситуации и дијалози.

Сподели