Во Македонскиот народен театар на 8 мај (18 часот) ќе се одржи премиерата на претставата „Жива досада“, авторски проект на актерките Изабела Јакимова, Нина Деан и Билјана Јовановска, која ја потпишува и режијата. Во претставата играат: Гоце Андонов, Нина Деан, Изабела Јакимова, Јана Вељановска и Билјана Јовановска – алтернација.
Темата на претставата е досадата на децата во денешното време, каде што авторите ги охрабруваат како децата така и родителите да остават да им биде досадно без да ги окупираат со разни обврски, само за да ја избегнат досадата. Ликовите на децата, Вања и Бојана, кои се претставници на децата на денешното време, во еден момент се среќаваат со дел од ликовите на Недојдија, каде што во одреден момент си ги менуваат местата, со цел да докажат во чие време е подосадно. Претставата поентира со тоа што ги охрабрува децата да веруваат во магијата на играта, како и да научат да комуницираат вербално помеѓу себе. Сценографијата е на Мартин Манев, музиката е на Оливер Митковски, костимограф е Валентина Чонкова, а кореограф е Нина Деан.
Претставата е наменета за деца над пет години. Следната изведба е на 9 мај во 18:00 часот, а билетите за претставата се веќе пуштени во продажба. Претставата е во продукција на Македонски народен театар и е финансирана од сопствени средства.





