Претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, ќе ја има својата премиера утревечер во 20 часот на сцената 105 во Центарот за култура во Прилеп. Претпремиерата е закажана за вечерва во истиот термин. За Пројковски ова е прва претстава со ансамблот на прилепскиот театар. Ова е претстава – еден од лајт-мотивите, или, голем рефрен во македонската драматургија, што зборува за лекциите кои тешко ги учи Македонецот низ историјата.

– Работејќи ја претставата, постојано имав една мисла: „Македонец уби Македонец за Македонија“… „Црнила“ на Чашуле е еден од текстовите кој го имаме како бреме и секоја театарска генерација, заедно со публиката секогаш се преиспитуваме на истите теми: Што сме направиле и што треба да направиме, или, што сме научиле за некои работи да не се повторуваат, односно да не се случуваат…. Нашите ликови во „Црнила“ малку се заглавени во калта од сопствените пороци и предавство, а од друга страна, се со константен стремеж и поглед кон небото. Всушност, тоа растргнување меѓу желбите и можностите ги прави сите да се растегнуваат како жиците на гитарата. Работев во период кој што мислам дека беше многу важен за театарот и сите планини кои треба да се искачат. Секогаш треба да се работи и да сме тука кога е тешко и кога е важно. Брехт вели дека театарот не е зградата, туку луѓето и сега беше важно да се радуваме на сите прекрасни луѓе што го прават прилепскиот театар. Се надеваме дека ќе ги видиме во нивниот вистински дом… Претставата е актерска и режисерка исповед и ја работевме без заземање став. И мило ми е што отвора дијалог за тоа дека мора во одредени моменти да имаме заеднички ставови, а црнилата се секогаш во македонската историја како резултат на поделбите.“

Претставата носи силна симболика за нашиот тим, затоа што создадовме сосема нова сцена, во нови услови, работевме со посветеност, со многу ентузијазам и со верба дека театарот наоѓа начин да живее. Нашиот театар вложи многу енергија, труд и срце за „Црнила“ да го добие обликот што го заслужува – вели Марија Попова Јованоска, директорка на прилепскиот Центар за култура.
Со радост го отвораме и ново-стариот сценски простор — Сцената 105, простор што ќе ни овозможи поинтимни, поекспериментални и посовремени театрални јазици. Место каде младите автори ќе добијат дом, а традицијата ќе продолжи да дише нов воздух. Како уметничко раководство, со гордост го спојуваме наследството на Чашуле, духот на
Горче Петров, визијата на Пројковски и воскреснувањето на Сцената 105 – истакна Михајло Миленкоски, раководител на театарот.
Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф Марија Пупучевска, автор на музиката е Горан Трајкоски, драматург Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, а дизајнот на плактот е на Сергеј Светозарев. Во претставата играат Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Катерина Чакмакоска – Клинческа, Катерија Чакмакоска-Клинческа, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевск, Михајло Миленкоски, Илија Волчески и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски, Ива Малинческа.
Ова е втора премиера на театарот со поддршка на Министерството за култура и туризам за 2025 година.





