„Преиспитувања“ на уметниците Тони Попов и Никола Пијанманов во Велес

Во Народниот театар „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ во Велес вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Преиспитувања“ на Тони Попов и Никола Пијанманов. Поставката е визуелна антологија на универзалните човекови искуства, во која Попов и Пијанманов преку својот сликарски јазик раскажуваат за универзалноста и кревкоста на човековите искуства и во своето сликарство го обработуваат мотивот на длабоките човечки искуства или психолошко-емотивни состојби. Куратор на изложбата е Јасмина Котевска.

– Главниот наратив на изложбата е преиспитувањето, доловено од позиција на посматрач на надворешната појавност на психолошките состојби кај човекот (Пијанманов) и состојбите на лично преиспитување на себе си и потрагата по автентичното во комплексноста на сопствената мисла (Попов). Едниот се фокусира на автопортретот како инструмент за лична саморефлексија, додека другиот се занимава со теми кои опфаќаат универзални човекови искуства. Двајцата уметници ја делат потребата да навлезат под површината на секојдневието – во темната, често нејасна и понекогаш застрашувачка, но, бескрајно значајна област – внатрешниот свет на индивидуата, притоа изразувајќи ги преку автентичен ликовен јазик спознајните состојби, кои не само што се гледаат туку и се чувствуваат – велат организаторите.

Попов го користи автопортретот како поле каде што се пресликуваат не само неговите надворешни физионимски црти, туку и неговите внатрешни борби, сомнежи и преиспитувања на себе си. Експресивни по колорит и сликарски потег, неговите автопортрети се дијалог на уметникот со себе си и ја прикажуваат сложеноста на човековата психа укажувајќи на борбата помеѓу себе си и сопствените стравови, желби и неизвесности.

Од друга страна, Пијанманов својот интерес го насочува кон универзалните човечки искуства како страв, болка, трагање по смислата. Преку боја, форма и композиција, неговите слики говорат за заедничката (колективна) човечка судбина и го повикуваат гледачот на преиспитување на сопствените искуства, каде преиспитувањето се претвора во колективен процес, спојувајќи го индивидуалното со општото.

Изложбата се отвора во рамките на Фестивалот за џез, светска и современа музика на „Арт генератор“ од Велес, а ја органзира Центарот за креативни индустрии „Небо“.

Сподели