Прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значање е целта на предлог-законот кој Владата го утврди на вчерашната седница. Документот предвидува заострување на режимот на заштита на споменичката целина на старото градско јадро во согласност со препораките и одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план (2020-2029).
– До донесување на новите детални урбанистички планови усогласени со режимот на заштита утврден во овој закон, не ќе може во старото градско јадро на Охрид да се градат нови објекти, доградби и надградби – соопшти Министерството за култура.
Документот ги обврзува надлежните да извршат ажурирање на геодетските подлоги за 19 урбани комплекси и да донесат нови детални урбанистички планови во кои ќе бидат вградени заштитно-кознерваторски основи со детално разработен режим на заштита согласно овој закон, во согласност со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, со Акциски план (2020-2029).
Предлог-законот содржи одредби за специфичен режим на заштита на старото градско јадро на Охрид и на неговата контактна зона, а целта е да спречат дејства, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување, неповратно видоизменување, уништување или деградирање на споменичната целина.
Предлог-законот го изготвија Министерството за култура во соработка со Управата за заштита на културното наследство и со Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, по препораките на УНЕСКО и заканите евидентирани во извештаите на Реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО/ИКОМОС/ИУЦН од 2017 и 2020 година и во мноштво други релевантни извори.
Старото градско јадро на Охрид е составен дел од доброто заштитено како „Охридско природно и културно-историско подрачје“ од 1978 година, како и од „Природно и културно наследство на Охридскиот Регион“, впишано на Листата на светско наследство на УНЕСКО во 1979/80 година.
Фото: Pixabay





