Во Чифте амам во Старата скопска чаршија вечерва во 19 часот германско-хрватскиот филозоф и теоретичар Борис Буден ќе одржи предавање насловено „Дупка во главата или: може ли нешто да се научи од војната?“ Предавањето се одржува во рамките на 10. издание на Фестивалот за критичка култура КРИК.
– Согледувањата на Буден длабоко проникнуваат во сите денешни акутни културно-политички превирања во регионот и во светот, на глобално и локално рамниште, но и во самата тема на годинашниот КРИК, која ги поставува прашањата на човековата ентропија и потребата за преобразба на идејата за заедница – велат организаторите.
По предавањето ќе следи кратка дискусија помеѓу Буден и Никола Гелевски и разговор со публиката.
Борис Буден е писател, критичар на културата и преведувач. Студира филозофија во Загреб и докторира во сферата на Културната теорија на Хумболтовиот универзитет во Берлин. Во 1990 е основач и уредник на магазинот и издавачката куќа „Аркзин“ во Загреб. Неговите есеи и написи се поврзани со теми од филозофијата, политиката, културната и уметничката критика.





