Пишува: Звонко Димоски
Во проектот „Пополнување на празнината…“, празното место во училишната клупа станува скулптура, а тишината се променува во материјал. Преку фотографија и објект, Димоска Николоска ја визуелизира пораката и просторот после заминувањето. Делото е тивко, но остро – сведоштво за општествен феномен што обично се мери со бројки, а ретко со чувства. „Јас сум дете на родители кои целиот живот работеа надвор од Македонија,“ ми раскажува.
Елена Димоска Николоска е ликовна уметница и педагог од Прилеп. Нејзината работа се движи меѓу фотографијата, скулптурата и просторната инсталација, истражувајќи ги темите на миграцијата, отсуството, природата и идентитетот. Нејзината самостојна изложба „Ајде да си зборуваме за растенија (Let’s talk about plan(t)s baby)“ и магистерскиот проект „Пополнување на празнината: парадоксот на отсуството преку присуството“ претставуваат длабока визуелна претстава за животот што останува онаму, каде што мислиме дека повеќе го нема.

Едно топло прилепско попладне, што брзо почна да мириса на кафе и искрен муабет, се сретнавме со Елена во малата кафе-галерија што ја водат заедно со сопругот. Во овој мал градски простор често се случуваат настани, промоции, средби, намерни и ненамерни разговори на постојани гости и случајни минувачи. На ѕидовите висат дела на современи локални уметници, а низ стаклените врати влегува светлина што сè обвива со мирна и топла енергија.
Некаде меѓу масите и сликите седи Јоцо – скулптура со човечка тишина во себе, со поглед што не гледа никого, но зборува со сите. „Јоцо е сведок на она што исчезнува,“ ми вели Елена со насмевка што истовремено тагува и се радува. Скулптурата е дел од нејзиниот магистерски проект „Пополнување на празнината: парадоксот на отсуството преку присуството“, во кој таа го истражува феноменот на миграцијата и сенките што остануваат зад оние што си заминуваат. Името Јоцо на скулптурата ѝ го дале нејзините ученици од седмо и осмо одделение – токму оние деца што секојдневно ја потсетуваат колку е гласна тишината кога ќе се испразни следното столче во училницата. „Јоцо е симбол на празнината, но и на надежта,“ вели. „На местата што се испразниле, секогаш нешто останува – спомен, сенка, дишење…“.

Во тој момент се согласуваме со Елена дека нејзините дела не зборуваат само за уметноста, туку зборуваат за животот што тековно ни се случува. Нејзиниот мултимедијален пристап го допира отсуството што продолжува да живее како присуство и прави да биде очигледно дека просторот што нѐ опкружува, исто така памети. Токму мултимедијалноста самата ја гледа како алатка за постигнување поголема прецизност во пренесувањето на приказната, нагласувајќи дека „Во мојата димензија просторот е клучниот елемент – тој ја носи тежината на приказната. Скулптурата и фотографијата доаѓаат како поддршка, заедно создавајќи една целина“.
Во проектот „Пополнување на празнината…“, празното место во училишната клупа станува скулптура, а тишината се променува во материјал. Преку фотографија и објект, Димоска Николоска ја визуелизира пораката и просторот после заминувањето. Делото е тивко, но остро – сведоштво за општествен феномен што обично се мери со бројки, а ретко со чувства. „Јас сум дете на родители кои целиот живот работеа надвор од Македонија,“ ми раскажува.
„Но вистинската потреба да ја претворам оваа тема во уметност ја почувствував кога почнав да предавам и видов како клупите полека се празнат. Секое отсуство има своја тежина.“ Јоцо, сега нов жител на кафулето, стои таму како нем сведок. Неговото присуство ја пополнува празнината со прашања за оние што заминале, но, уште посилно, за оние што остануваат.
Од приказна за Јоцо и исчезнувањето, Димоска Николоска природно преминува во другата страна на празнината – онаа што повторно се полни со живот. Нејзината изложба „Ајде да си зборуваме за растенијата“ (Let’s Talk About Plan(t)s, Baby!) е визуелен разговор за силата на природата што не се предава. Во нејзината визија природата е најистрајниот уметник, а тишината – нејзината најдлабока боја. Таму, во меѓупросторот, меѓу звукот и тишината, меѓу празнината и животот, расте уметност што нè учи повторно да ги слушнеме растенијата и исчезнатиот џагор. Во центарот на изложбата се две новоизградени, но никогаш (едната делумно) неупотребени згради во Прилеп – основно училиште и детска градинка. Наместо детска смеа, таму сега растат треви, мов и диви растенија. „Природата ги освои,“ ми вели Елена.

„Додека ѕидовите се распаѓаат, дворовите процветаа. Таа само чека свој момент.“ Во нејзините фотографии, животот повторно никнува во пукнатините на човечката небрежност. Тревата станува доказ дека ништо не останува вистински празно.
Особено фасцинираат имињата на растенијата: Cadenica Abandonium, Kindergardium Junglata, Photosynthetica Patientis, Bureaucratia Defianta, Concretus Crackerella. На прв поглед звучат латински, ботанички прецизно, но всушност се измислени. „Тоа е моја јазична игра,“ објаснува. „Комбинирам латински корени со измислени наставки, за да покажам колку лесно нашето општество создава илузии за ред и систем. Сакам преку хумор и иронија да ја прикажам реалноста – дека дури и во бирократијата има живот, и во напуштеното има убавина“. Така, растенијата стануваат нови жители на човечките урнатини. Наместо доказ за запуштеност, тие се симболи на отпорноста и обновата. Убавината, како што вели Елена, е само прашање на перспектива.

Додека зборуваме, сонцето се спушта над кафулето, а сенката на Јоцо се издолжува по подот. Во таа сенка истовремено има мир и движење – исто како и во нејзините дела. „Уметноста може да предупреди, но и да утеши,“ ми вели додека го насочува погледот кон скулптурата. „Таа не мора секогаш да биде убава. Понекогаш треба да биде само вистинита и прецизна.“ Запрашана за значењето на уметникот денес, смета дека уметникот треба да ја искористи дадената моќ „за да пренесе порака, да констатира, да потврди, да предупреди, и да, да разубави. Тоа мора да биде истовремено и личен разговор и комуникација со публиката, каде што се преплетуваат интимното и колективното искуство“.
Во делата на Елена Димоска Николоска, празнината никогаш не е крај — таа е почеток на нешто ново. Низ нејзините фотографии и скулптури се чувствува пулсот на животот што не се предава, живот што никнува таму каде што човекот се повлекува. Нејзината уметност е сведоштво дека и во отсуството има присуство, дека секоја тишина може да зборува ако ѝ се приближиме со внимание.





