Отворен e повик за средношколци за најдобар постер на тема трансплантација и органодонорство. Може да се пријават учениците од сите државни средни училишта во земјава. Најдобрите три дела ќе добијат добиваат наградни ваучери за електронски уреди, во вредност од 500 евра, 300 евра и 200 евра. За наградите ќе одлучува петчлено жири.
Конкурсот е во рамките на проектот „Поддршка на системот за трансплантација во Република Северна Македонија“, финансиран од ЕУ, а се спроведува во соработка со Министерството за здравство.
– Трансплантацијата на органи, освен што спасува животи, ги поставува и темелите на етичките принципи во здравството, но и во општеството во целина. Органодонорството не само што спасува животи на пациентите кои немаат друг избор за лекување, туку и ја испитува нашата хуманост. Семејствата на донорите заслужуваат почит и признание за нивниот алтруизам и надежта која ја даваат за подобра иднина на болните, но и на целото општество преку нивниот пример. Токму ова е иницијалната замисла за започнување кампања за подигнување на свесноста за оргнанодонорство – велат организаторите.
Заинтересираните треба да изработат дигитален изложбен постер, цртеж или друг тип визуелна порака која поттикнува размислување за органодонорството и трансплантацијата. Секој средношколец може да достави најмногу две креативни дела. Најдобрите 10 дела ќе бидат претставени на јавна изложба, заедно со професионалните решенија за графички дизајн од вториот повик. Рокот за пријавување е 4 март.
Повеќе информации на линкот.
Насловна фотографија: Wikipedia





