„Постмеморија – одек на тишината“ – тема на 36. Ликовна колонија „Галичник“

На тема „Постмеморија – одек на тишината“, од 12 до 18 август во Галичник ќе се реализира ликовната колонија 36 -та сесија на „Галичник 2025“ – една од најреномираните и најпрогресивни уметнички колонии во регионот. Со јасна ориентација кон современите текови во визуелната уметност, колонијата и понатаму гради платформа за иновативна, интер-/транс-дисциплинарна и концептуална продукција.

Темата е инспирирана од истражувањата на Мериен Хирш, Алејда Асман, Ролан Барт и В.Г. Зебалд, кои се занимаваат со тоа како трауматичните историски искуства, иако не се директно доживеани, се врежуваат во свеста и идентитетот на наредните генерации. Овогодишните учесници ќе ја истражуваат неизговорената меморија, тишината како сведоштво, и наследената болка како уметнички материјал, користејќи нови медиуми, архиви, звучни записи, гестови и визуелни фрагменти.

Дело од Иванчо Талевски

Ќе учествуваат:

• Никола Радосављевиќ (Србија) – видео уметност, инсталации
• Дејан Крстиќ (Србија) – звучна уметност, перформанс
• Красимир Терзиев (Бугарија) – дигитална уметност, текст
• Калина Димитрова (Бугарија) – фотографија, архивски пристап
• Далиа Белосиноф (Грција) – визуелна поезија, инсталации
• Мариа Анвандер (Австрија) – концептуални текстуални интервенции
• Клара Вит (Австрија) – медиумски инсталации, фотографија
• Ренеа Беголи (Косово) – цртеж и предмети на меморија
• Лука Соудан (Холандија) – аудиовизуелни композиции
• Иванчо Талевски (С. Македонија) – микс-медија, личен архив
• Ана В’чкова (С. Македонија) – дигитален колаж, фотографија

Дело од Красимир Терзиев

Делата создадени на оваа сесија, заедно со продукцијата од претходната 2024 сесија, ќе бидат изложени пред македонската јавност во ноември во „Мала станица“. Изложбата ќе биде придружена со професионално изработен каталог, кој ги документира уметничките процеси и концептите зад проектите.

Ликовната колонија ја поддржуваат: Министерството за култура и туризам, Австриската амбасада во Скопје, Бугарскиот културен центар во Скопје; Casinos Austria; Пивара Скопје; Месна заедница Галичник и голем број пријатели на колонијата.

Сподели