Постхумно објавена „Еден сив мартовски ден“ од Тања Урошевиќ

Книгата „Еден сив мартовски ден“ од Тања Урошевиќ неодамна е објавен во издание на „Или-Или“. Романот е најден во оставината на писателката, завршен и подготвен за печат. Пишуван е од почетокот на 2017 до почетокот на 2020 година, а издаден со финансиска помош на Министерство за култура.

„Еден сив мартовски ден“ е класичен психолошки роман, со интроспекции и ретроспекции, богат со детали од секојдневниот градски живот. Дејството на романот се одигрува главно во Скопје, во периодот на крајот од 40-те, па се’ до крајот на шеесеттите години од 20 век.

Тања Урошевиќ  (1936 – 2020)  e aвторка на романите „Аквамарин“ (2004) и „Превид“ (2008), на збирките раскази „Црвена нишка – железен прстен“ (2009)  и „Три новели“ (2017), на повеста  „Ура, Арал!“ (2019) и на подолгиот расказ „Размена на пораки“ (2013) во истоименета книга објавена заедно со  Влада Урошевиќ. Романот „Аквамарин“ е преведен на руски јазик и објавен во Москва 2017 година.

Урошевиќ е најзначајниот преведувач и афирматор на руската литература кај нас. Почнувајќи од 1965 година, таа превела голем број дела од највидните  руски писатели на XIX  и  XX  век. Помеѓу нив се  романите, расказите и драмите на Гогољ, Пушкин, Лермонтов, Достоевски, Толстој, Чехов, Сологуб. Од поновата руска литература Тања Урошевиќ превела книги од Леонов, Платонов, Бунин, Пастернак, Цветаева, Булгаков и Набоков. Во нејзин избор и превод се објавени две антологии:  на рускиот фантастичен расказ од првата  половина на XX век – „Ѓаволијада“ (1998) и на современиот руски расказ – „Кристален свет“ (2002).

Сподели