„Под роговите на упорноста“ е насловен последниот настан со кој ќе биде затворена кафе-книжарницата „Буква“ која функционираше повеќе години на аголот наспроти Македонското собрание, покрај домот на АРМ во Скопје. Настанот го организира „Култура бета“, а во себе обединува повеќе сегменти со кои ќе се заокружи циклусот на настани преку кои здружението го развиваше токму во „Буква“, која меѓу другото служеше и како своевиден културен центар.
„Под роговите на упорноста“ ќе почне во 18 часот со прашањето: Има ли дом за независната сцена? Во дискусијата ќе учествуваат Небојша Вилиќ, Марија Стојанова, Милош Б. Андоновски и Марија Хана Трајкоска. Доаѓајќи од различни позиции во културната сфера тие ќе го претстават своето гледиште за постоењето и развојот на јавните простори кои ја негуваат и поттикнуваат независната уметничка и културна сцена.

Следува поетското читање „Поетска епизода“ од 20 часот со кое ќе се заокружи циклусот читања одржани во „Буква“. Модератори ќе бидат Ивана Јовановска и Андреј Медиќ Лазаревски, а ќе читаат скоро четириесет поети кои учествувале на претходните изданија на „Поетска епизода“: Ива Петреска, Андреј Ал-Асади, Марија Велинова, Викторија Ангеловска, Марија Ангеловска, Јулијана Величковска, Ана Голејшка Џикова, Моника Стојановска, Љубица Шопова, Биљана Стојановска, Александра Спасеска, Д.А. Лори, Ѓоко Здравески, Марија Хана Трајкоска, Васко Марковски, Николина Андова Шопова, Милена Сиљановска, Никола Наумовски, Дарија Јовановска, Андреј Ангеловиќ, Вероника Димоска, Ангела Бошкоска, Љубица Петровска, Иван Шопов, Методија Тасевски, Филипа Сара Попова, Стефан Спасовски, Нино Наумовски, Драгана Стојадиновска, Јосип Коцев, Макрина Јорданова, Сатја Александар Давитков, Емануела Ковачевска Китановска, Софија Тодоровска, Јована Стаматовска.
Во 22 часот ќе почне музичката програма со настап на „Животни“, бенд што преку својот прв албум „На Балкан, сам“ пее за светлината, за гневот и за будноста, со протестна енергија и искрен крик против неправдите. Крајот на вечерта ќе се заврши со музичкиот избор на Дона Илиевска кој ќе повика на танц до фајронт.
Насловна фотографија: Буква (архива)





