(лично гледање/слушање на концертот на Massive Attack, 28 јуни 2025, Скопје)
Пишува: Ана Стојаноска
Се мислев дали да го напишам ова. Од една страна, музика следам/слушам/примам на некое синестетичко ниво од ран пубертет, концерти сакам исто колку театар и книги, моиве најблиски со години ме тераат да напишам книга за сите видени концерти, а од друга страна има толку покомпетенти од мене да напишат приказ на еден концерт. Но, ова не е приказ/осврт за концерт. Ова е една лична љубовно-животна приказна за еден концерт.
А, љубов не треба да се објаснува. Ниту да се дефинира.

Да одам на концерт на Massive Attack одлучив кога видов дека доаѓаат со Елизабет Фрејзер (за мене Лиз е гласот на рајот, онаа емоција што ја добивате кога мислите како би пееле ангелите, колку и да (не) сте религиозни). Ги гледав пред 15 години во Скопје, ги гледав и после тоа уште еднаш во Хрватска, па не бев баш сигурна дали да одам уште еднаш. Сепак љубовта победи. Но, ова не е текст за тоа колку ги сакам, слушам, гледам дечките од Бристол. Ова е текст за тоа како треба уметноста да има однос кон светот во кој создава.
Кога дознав дека концертот ќе го отвора Дина Јашари, а познавајќи ја нејзината лирична емотивна позитивна поезија, си реков, ова е сигурно контратежа на она што ќе го прават Massive Attack, друго објаснување нема. Зашто и самите тие одат секогаш во комбинација на најемотивната музичка линија и силниот агресивен вербален аспект на коментар. Гледано така тоа е комбинацијата – посилно боли кога е најнежно.

На концертот дојдов во некоја своја емотивна состојба која не е препорачливо да се носи на концерт. Ме израдува што имаше публика од многу различни генерации, ме израдува што си ги видов пријателите од мојата младост, ме израдува што имаше и луѓе што дошле затоа што слушнале дека треба да се дојде на концерт на Massive Attack.
Скопје е секогаш убаво кога има одличен концерт. А ова и тоа како беше повеќе од концерт. Ова беше перформанс, став, коментар, документ, музика, страст, визуелност, сѐ одеднаш и сѐ вмрежено во одличната текстура на музика која ве носи во највисокото и коментар што ве мава од земја силно и моќно како елементарна непогода. И да, тоа се Massive Attack и после триесет и седум години од нивното формирање.
Ми пречеше, на почеток, лошиот превод на нивните видеа, на текстот што беше генериран со цел да даде силен коментар. Затоа што беше многу важно да се прочитаат тие коментари. Ми пречеше и дел од публиката која сакаше да слушне хитови. Затоа што Massive Attack се повеќе од нивните хитови.

Во мигот кога ја слушнав Лиз Фрејзер, сѐ прекина да постои, освен музиката на Massive Attack, силното визуелно доживување и комплетната енергетска синергија меѓу нас долу во гледалиште и тие горе на сцена. И си реков, да, можеби поминале години, можеби ретки се музичарите што можеа како Боуви да се менуваат со секоја нова генерација и да ја трансформираат својата уметност, но, едно големо но! Ова е музиката што зборува за сѐ што се случува денес во светот во една перформативно осмислена креација на документарно видео, текстуален коментар (не само факти што болат, туку и бесмисленоста на она што денес ни се сервира како главен интерес) и музиката која кореспондира и со нивните најзначајни албуми, како на пример „Мезанин“, но и музиката на нивните соработници и современици, како на пример „Song to the Siren“ на Тим Бакли, во изведба на Елизабет Фрејзер. Гласот на Лиз ми е сѐ уште глас на ангелите од рајот, Дебора Милер и нејзината вокалност блиска како најсвоја, Хорас Енди ми е добриот стар фраер, Грент Маршал ми е уште ритамот што ме тера да се движам и кога не можам, и да, сѐ уште сум „вљубена” во Дел Наја, не во неговиот изглед, туку во тоа како ја пласира својата уметност, во тоа како и покрај сите (не)прилики остро и сурово на најмузички начин со својата музика го коментира светот што го живее. Истовремено тој коментар е еден вид автореференцијален во однос на неговата музика и на музиката на неговите современици. И што е уште поважно, нивната музика (и нивниот сценски настап) и денес го има цврстиот став да се каже сѐ она што во глобала другите го молчат и тоа во таа контрапункт мрежа на најнежно со најсурово.

Да се слушаат стиховите како “you are my angel, come from way above, to bring me love” а во позадина да оди документ со коментар на тековните светски неприлики не е нешто што може да се конзумира рамнодушно. Да се слуша/гледа Massive attack денес е силен (политички) став, или поточно, еден од начините како да нѐ дозволиме општото сеедно да нѐ убие како човештво. Фала ви Авалон што ги донесовте. Фала ви Massive Attack што дојдовте.





