Посакувам „Патување пеш“ да разбуди емпатија кон луѓето што ги изгубиле своите домови

Документарниот игран филм „Патување пеш“ (The Walk) во режија на Тамара Котевска кој се бави со исклучително актуелна и осетлива тема посветена на бегалците од Сирија и Палестина ќе ја има својата светска премиера во Њујорк, САД на 9 ноември на DOC NYC – најголемиот американски фестивал за документарни филмови. Филмот е британско-американско-македонска продукција.

Во последните десет години, на DOC NYC се прикажувале документарни филмови што потоа ја освоија наградата Оскар. Тамара Котевска е најавена како една од десетината специјални гости – автори со нов филм, меѓу кои се Вим Вендерс, Сем Полард, Рамин Бахрани итн. Калеидоскоп категоријата во која е селектиран филмот „Патување пеш“ (The Walk) наречена уште „нови документарни визии“, за филмови кои се стремат кон поетски и есеистички филмски израз. Ова е единствен филм во категоријата со светска премиера.

Филмот „Патување пеш“ (The Walk) го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка, која патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, обидувајќи се да си најде дом. Филмот се снимаше 2 години, на територија од повеќе од 10 земји. Во реализацијата на филмот, покрај режисерката Котевска учествуваа и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев. Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија се двајцата исклучително талентирани актери кои се дел овој проект.

Во моментов во светот има над 35 милиони бегалци, од кои 14 милиони се деца, а повеќето од нив сирачиња, во чија чест, џиновската кукла Амал активно се движи низ светот со својот патувачки театар.

Главен продуцент на филмот е една од најголемите наградувани британски филмски компании со фокус кон документарните филмови, Grain Media – искусна продукција од Лондон, два пати наградена со Оскар во документарна категорија.
Еден од поголемите продукциски куќи кои застанаа позади филмот е Participant Media, една од најуспешните американски продукциски компании последниве 15 години, со 18 освоени награди од 73 номинации за Оскар.

Kако македонски копродуцент се јавува ОХО Продукција, a филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм.

– Радосен сум што Агенцијата за филм го препозна овој комплексен проект, на веќе светски реномираната авторка Тамара Котевска, особено кога станува збор за документарни филмови, кои оставаат општествен импакт. Филмот прво го презеде светска продукциска куќа, а Македонија се вклучи во процесот. Уште повеќе ме радува фактот што голем дел од екипата се Македонци со кои сме практично на мапата на светската кинематографија. Им посакувам среќа во Њујорк – изјави Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.

Европската премиера на филмот се очекува да биде на пролет, на еден од поголемите европски филмски фестивали. За македонска премиера на филмот, Котевска најави дека најверојатно би била на наредниот Фестивал на документарен филм „Македокс“.

– Јас бев почестена кога ми се јавија да ми го понудат овој филм. Прво се мислев дали да прифатам ваков комплексен проект и се консултирав со мојата драга приајтелка, режисерката на филмот „За Сама“ – Ваад ал-Катаеб. Таа ми посочи дека јас би била вистинската личност, затоа што како рече: Не си од Исток, не си од Запад, доаѓаш од неутрална територија. Во јули 2021 година се најдов во турскиот град Газиентеп, на турско-сириската граница и оттука почна патешествието. Идејата на овој филм дошла од патувачки театар што беше создаден во Британија, а куклата беше симбол во одбрана на сите деца низ светот бегалци. Со комбиња и автобуси патувавме низ цела Турција, Грција, со брод низ Италија, Швајцарија, Франција, Германија, се до Англија. Наидувавме на секакви реакции, можеби најжестока беше во Грција каде реагираа на тоа дека бегалците се муслимани, како и на куклата Амал што им беше веројатно паганска. Беше интересно да си види какви културолошки разлики има во секоја средина – објаснува Котевска.

Патувавме 90 дена. Идејата на филмот е преку очите на мало девојче од Сирија да го претставиме нивниот сон за подобро утро, но и да разбудиме емпатија кај што е можно повеќе луѓе.

Со Мартин Иванов решивме да го монтираме филмот попат, затоа што имавме премногу материјал и ќе беше комплицирано да оставиме тоа да го правиме отпосле.

-Во создавањето филм, најчесто продуцентската и монтажерската работа се најканцелариски, но овојпат не беше така. Само што се вратив од снимање филм, ми се јави Тамара да ми каже дека ќе ми се јават од Биртанија и за три дена бев во Турција. Тоа за мене беше едно неверојатно искуство, особено работењето попат.

Кинематограферот Самир Љума jа сподели радоста што е дел од овој важен проект на Котевска.

-110 милиони луѓе во светот се мигранти, 36 милиони од нив се бегалци. За жал, во еден период од животот и јас бев бегалец. Се надевам дека овој филм ќе предизвика емпатија кај луѓето во целиот свет. И честитам на Тамара за големиот труд вложен во филмот во три години – рече Љума, преку видеопорака.

За Дуке Бојаџиев ова било вонсериско искуство да работи со толку разновидна меѓународна екипа.

Пеце Талевски од „ЕХО продукција“ истакна дека треба да се гордееме со младата режисерка Тамара Котевска и што Македонија влегла во овој проект.

Тамара Котевска имаше две номинации за „Оскар“ како корежисер на документарниот филм „Медена земја“ во 2019 година. Филмот доби 3 награди на култниот американски филмски фестивал „Санденс“.

По повод последниот филм „Патување пеш” беше повикана да одржи говор на Филмскиот фестивал во Венеција во категорија Lights Camera Impact која се однесува за филмови кои имаат моќно и социјално влијание и прават општествена промена.

Сподели