Поништување на решението за избор на Али Санини за директор на Националната галерија на Македонија бараат вработените во институцијата. Според нив, Синани иако е уметник, нема искуство да раководи со комплексна институција чија првенствена цел е чување и заштита на културното наследство. Конкурсот за избор на директор беше објавен годинава во април, а според објавата на Националната галерија на профилот на Фејсбук, Синани со мандат од четири години е назначен на 9 јули.
Вработени во галеријата во писмото велат дека јавно бараат преиспитување и итно поништување на одлуката.
– Со овој избор се загрозува принципот на стручност и објективна процена, кои се клучни за одговорно раководење со институцијата од национално значење. Наместо транспарентен избор со јасни критериуми, институцијата е доведена во ризик да биде водена од лице без потребно основно познавање на музејската дејност, но и заштитата и конзервацијата. Тие се составен дел во негувањето и грижата за колекцијата од над 3.300 уметнички дела – движно културно наследство (слики, скулптури, цртежи, графики, икони, етнолошки, библиотечен материјал и др.) и поседува 4 објекти (Даут-пашин амам, Чифте амам и Спомен куќата на Лазар Личеноски – кои се недвижно културно наследство и Мултимедијалниот центар „Мала станица“). Комплексноста на институцијата од музејски, заштитен и галериски аспект бара раководење од страна на кадар со високо познавање и искуство во заштита, конзервација и музејското работење – пишува во реакцијата.
Вработените нагласуваат дека во галеријата работат докажани стручни кадри со долгогодишно искуство и меѓународни референци, кои имаат значителен придонес во зачувување и промоција на уметничкото творештво и културното наследство, со исклучителни биографии и меѓународен кредибилитет во презентација и афирмација на националната култура и визуелна уметност. Дел биле пријавени на конкурсот.
– Но, очигледно биле исклучени од фер и транспарентна постапка за избор. Токму затоа, бараме овозможување на транспарентна постапка со објективно рангирање на сите кандидати според образование, искуство, стручни звања и докажани резултати, за јавноста да се увери дека изборот се базира на знаење, а не на лични интереси и квоти – пишува во писмото.
Вработените апелираат до надлежните да го зачуваат професионалниот интегритет на Националната галерија, како една од најзначајните институции за чување, заштита и презентација на културното наследство во земјата, а во прилог на заедничкиот јавен интерес за заштита на националното културно наследство.
Насловна фотографија: Извор – Национална галерија





