Полна сала за светската премиера на „Сестри“ на Дина Дума во Карлови Вари

Филмот „Сестри” во режија на Дина Дума, а во продукција на „Лист продукција“, денеска ја доживеа својата светска премиера во полна сала на престижниот фестивал од А-категорија во Карлови Вари, Чешка. Реномираниот фестивал, кој почна на 20 август, ќе трае до 28-ми, а дебитантскиот долгометражен филм на Дума е дел од програмата „Источно од Западот“ (East of the West).

Филмот во живо го промовираа режисерката Дума, актерките Антонија Белазелкоска и Миа Жиро, косценаристот и монтажер Мартин Иванов, кинематограферот Наум Доксевски и продуцентката Марија Димитрова.

Оваа селекција е наменета за автори на прв и втор долгометражен филм од Централна и Источна Европа, Балканот, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Средниот  Исток и Северна Африка.

„Сестри” е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.

Филмскиот фестивал во Карлови Вари е најпрестижен во Централна и Источна Европа. Тој е еден од најстарите филмски фестивали од А -категорија, заедно со фестивалите во Кан, Верлин, Венеција,  Локарно, Сан Себастијан.

Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, музиката е на Игор Василев – Новоградска, а дизајнот на звук на Ристо Алчинов.

„Сестри” е поддржан од македонската Агенција за филм и е регионална копродукција заедно со Црна Гора и Косово.

Сцена од филмот „Сестри“

Сподели