„Политики на стравот“ – поетска збирка на Славица Гаџова Свидерска

Во издание на издавачката куќа „Восток“ од Битола, во едицијата „Восток поезија“, неодамна излезе новата поетска збирка на Славица Гаџова Свидерска, „Политики на стравот“. Песните во оваа збирка се вртат околу носечкиот мотив на стравот, кој станува своевидна поетска филозофема на авторката. Стравот во оваа збирка е и чувство и место и време, емоција, хронос и топос, индивидуален страв, колективен страв, страв од животот, страв од смртта. Поетиката е комбинација на лирското и интимното од една страна, и ангажираното и општественото од друга.

Славица Гаџова Свидерска (1984, Битола), поет, преведувач, теоретичар на книжевноста, доктор на филолошки науки. Авторка е на поетските книги „Бесконечност“ (2001), „Писма“(2012), „Политики на љубовта“ (2015) и „Тела“(2016), научните монографии „Книжевноста и дискурсите на моќта“ (2013), „Книжевноста и политичкото насилство“ (2018), како и книжевно-филозофските есеи „За смислата и за апсурдот“ (2017).

Добитничка на наградите „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата и „Караманов“ и „Лирата на Орфеј“ во Бугарија. Нејзината поезија е преведувана на англиски, кинески, бугарски, српски, хрватски, босански, чешки, словачки, турски и албански јазик.

Сподели